Сузана од Неготино, девојката која пееше пред Монсерат Кабаје

by Fokus

Шпанската оперска дива Монсерат Кабаје ќе биде погребана денес, во Барселона. Светски познатиот сопран ја изгуби битката со болеста завчера, на 85 – годишна возраст, а веста за нејзината смрт ја пренесоа речиси сите медиуми.

Ретко кој не слушнал за певицата, која стекна светска слава, посебно по дуетот ,,Барселона” кој го изведе со Фреди Меркјури, а Сузана Бунаровска, сопран по потекло од Неготино, ја имала честа да биде една од ретките, ако не и единствена од нашата земја, која лично се запознала со Монсерат, па дури и пеела пред неа.

Нивната прва средба се случила во 2000 година, во Сан Жулија де Лорија, во кнежеството Андора, а Бунаровска и денес, по цели осумнаесет години вели дека се сеќава на сите детали од нивната соработка и дружба.

-Кабаје беше фантастичен човек, со огромно срце. Секогаш за време на нашите средби беше позитивна и насмеана. На пробите, никогаш без критики, туку секогаш со еден позитивен, но конструктивен начин на работа – се сеќава Сузана.

Додава дека не може да ја заборави лутината на певицата, на задкулисните дејствија, затоа што се злоупотребувало нејзиното име.

-Мнооогу беше лута на злоупотребите на нејзиното име, на сите задкулисни игри. Сакаше да игра со отворени карти и и сметаше секоја неправда, секоја нечесност.
Јас учествував на првиот натпревар за пејачи под покровителство на Монсерат кој што се одржа во 2000 – та година, во Сан Жулија де Лорија, во Андора. По натпреварот, имав Мастер клас со певицата. Беа тоа убави времиња и непроценливо вредно искуство за мене – раскажува Сузана, која периодов живее и настапува во Дрезден, Германија.

Во петок, таа ќе има солистички концерт во Дрезден, а во тек биле преговорите за нејзини концерти во Берлин и во Белград.

-Јас сум уметник кој не се откажува од својот сон. Се надевам дека ќе бидам мотивација на младите генерации, како што тоа за мене беше Кабаје- изјави неготинчанката.

Кабаје починала во болницата „Сант Пау“ во каталонската престолнина, Барселона, каде била хоспитализирана во септември, поради здравствени проблеми кои ја мачеле со години.

За време на својата пет децениска кариера, настапуваше со познатите тенори Лучијано Павароти и Пласидо Доминго, но сепак со дуетот со Меркјури, кој стана и неофицијална химна на Летната Олимпијата во Барселона, ги освои и симпатиите на луѓето кои ретко слушаат сериозна музика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости