Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално- станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ) -членка на ССМ, најостро реагира поради тоа што како единствен репрезетативен синдикат кој ги претставува работниците во угостителството и туризмот не е вклучен во разговорите кои го води Министеството за финансии и Министерството за економија со претставниците на Групацијата за угостителство.
Средби помеѓу претставници на Владата и пертставници на работодавачите, без учество на претставниците на работниците – синдикатите, можат само да резултираат на штета на работниците, а излезот од кризата да се договори и надминува исклучиво на грбот на работниците во овие дејности, угостителство и туризам на што најостро ќе се спротиставиме.
Апелираме во овие моменти, работодавачите во овие дејности, да не се закануваат со отпуштање на работници туку да ги користат сите мерки кои се договорени помеѓу социјалните партнери и во чие подготвување учествуваше и СУТКОЗ како членка на ССМ со свои предлози.
Работодавачите најмалку што можат во овие моменти е да ја искористат мерката за исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, а како синдикат предлагаме, со посебна Уредба да се предвиди одлагање на плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување, со тоа што во рок од 6 месеци по надминувањето на тешкотиите односно Вонредната состојба, истите да бидат уплатени во соодветните фондови, предлог кој веќе беше доставен до Владата преку Сојузот на синдикатите на Македонија уште на самиот почеток на кризата.
Како претставници на работниците укажуваме дека ваквата состојба ќе помине, но прашуваме дали работниците во наредниот период ќе им простат на оние работодавачи кои ќе ја злоупотребат ситуацијата за нивната себичност.
Доколку работодавачите и понатаму го гледаат само нивниот личен интерес и не водат сметка за работниците кои им овозможиле со нивниот труд да се стекнат со капитал, и ако работниците во овие дејности останат без плата за месец април, како претставници на работниците ќе бидеме приморани сите најавени 15.000 работници кои ќе бидат отпуштени од работа и останат без егзистенција да ги донесеме пред вратите на домовите на таканаречените газди и Министерството за финансии.