За тунелот кој беше ископан во дворот на затворот „Идризово“ има суспендирани, изјавил директор на затворот, Зоран Јовановски, во интервју за „Макфакс“.
Кои вработени се меѓу суспендираните и за колкумина се работи засега не откри, го чека обвинителниот акт.
„Има суспендирани, но не можам да кажам колкумина се ниту, пак, какви било други детали. Истрагата е во тек, се работи на расчистување на случајот. Набргу очекуваме и обвинителен акт, но да почекаме да завршат постапките“, рекол директорот Јовановски.
Тунелот во затворот „Идризово“ беше откриен пред еден месец, а од МВР известија дека знаеле за него два месеца претходно.
Во копањето учествувале најмалку осуммина затвореници. Долг е 40 метри, осветлен и заштитен од уривање со потпори. Лоциран е веднаш до објект што се користел за складирање јаглен во дворот.