Крупно дете беше Стојче. Беше малку понизок од мене, но беше многу силен. Уште во петто одделение, на единаесетгодишна возраст, татко му го научи да вози трактор и да помага во земјоделските работи, да копа, да носи кофи со вода или да му подава тешки алатки кога поправа низ дома или на нива. Освен што беше силен, беше и многу вешт со рацете. На часовите по Општо-техничко образование (ОТО) можеше да изделка „стојадин“ без мака и да го дотера како да е излезен од фабрика. (За помладите читатели: Застава 101, автомобил произведен во фабриката „Црвена застава“ што значи црвено знаме во Крагуевац, некогашна Социјалистичка Република Србија.)
Стојче и јас не се сложувавме баш најдобро. Бевме многу различни. Тој беше корпулентен, подвижен, опален од сонцето, здрав и гласен, облеката често му беше извалкана од трчање, скокање и превртување, живееше во селото, а јас во населбата. Јас бев мирен, секогаш исчешлан и уреден, бев прозрачно бел, читав, учев и редовно пишував домашно, а за фудбал имав две леви нозе. Од сите предмети на училиште, два ми беа навистина тешки: физичко и ОТО, токму предметите во кои Стојче беше брилијантен.
Беше и тоа еден обичен училиштен ден, за време на одморот, додека поголем дел од моите соученици дигаа врева како од пеколот, јас и малкумина момчиња бевме како и поголем дел од девојчињата, седевме в клупа и читавме од учебникот за наредниот час. Во еден миг, Стојче со суперсонична брзина помина покрај мојата клупа и ја поткачи. Приборот ми се растури, а книгата ми падна на подот. Додека се наведнував да си ја земам книгата, Стојче заофка и застана, се беше удрил од работ на клупата. Се врати кон мене и почна да вика: „Бубалица! Бубалица! Женско петлеее!“
На Стојче му бев виновен јас, а не клупата. Седев и го гледав. Тој ја повторуваше својата песна неколкупати, но јас не знаев што да направам. Само седев и го гледав. „Шо ме глеаш бе, Шиптар!“ Стојче, разгневен, ми се приближи. „Шо е бе, Шиптар?! Шо ме глеаш?! Стани, да ти ебам племето!“ Класот замолчи. Во ушите почувствував нешто како шумолење. Стојче се држеше за колкот кај што се удри од мојата клупа. Големите сини очи му беа малку закрвавени и насолзени. Беше разбушавен, испотен и раскопчан. Ме потсети на момче од бандата на Црвените кошули од „Децата од Павловата улица“ од Ференц Молнар.
ПРЕСМЕТКА И ПОМИРУВАЊЕ
Јас станав. Застанав простум, токму наспроти него. Тој ме бутна. Се задржав на клупата. Сепак, бев малку повисок од него и ми успеа да го бутнам така што тој падна на подот. Тогаш, почна вртоглава трка меѓу клупите во училницата. Лицата, клупите, таблата, географската карта, натписите на ѕидовите, прозорците, сѐ се претвори во една разнобојна лента како пејзажот кога гледате подзамижани од прозорецот на воз во полна брзина. Почувствував дека ја губам брзината и дека Стојче ќе ме стаса. Морав да смислам трик да го сопрам.
Ми текна (прочитано), дека ако одеднаш застанам и клекнам… Така и направив. Го оставив да ми се приближи на еден чекор зад мене. Застанав и клекнав одеднаш. Тој се сопна од мене и летна право во застакленото шкафче каде што се чуваа книги, големиот дрвен линијар, шестарот и други материјали. Тресок. Стојче не беше повреден, иако стакло и иверки се разлетаа како да експлодирала бомба. Само беше збунет и изудиран.
Во тој миг влезе наставничката. Училницата беше потивка од кога и да е.
Следеше своевидна истрага, свикување на родителите, разговори, па на крајот и цела родителска средба на која се говорело и за нашиот конфликт. Навредите изречени на сметка на мојата припадност беа сфатени многу сериозно. Не смее да се навредува никој на сметка на етничката припадност, а не смееше ни да се обесхрабрува склоноста кон учење.
Јас и Стојче никогаш не успеавме да бидеме многу блиски, но тој никогаш повеќе не ме навреди. Се разбира, продолжи да дивее по училницата, ходниците и по училишниот двор, но бројот на тепачки со другите ученици го намали, а мене никогаш повеќе не ме допре. И не само тоа. Јас и Стојче почнавме и да соработуваме во второто полугодие. Нему македонскиот јазик не му беше силна страна, па така јас му помагав околу домашните, а тој ми резбаше со својата пилица на часовите по ОТО. Долго време го чував „стојадинот“ што тој го направи наместо мене за да добијам петка по овој, за мене, тежок предмет.
Јас напишав песна во негово име која му ја објавија на училишниот ѕиден весник, веднаш до песната што јас ја потпишав. Така, на некој начин, јас објавив две песни, а тој направи два „стојадина“ и доби две петки по ОТО, но за тоа знаевме само јас и Стојче, никој друг. Кога игравме фудбал на часови по физичко, игравме во ист тим и ја „покриваше“ мојата ужасна игра. Долги години подоцна се сретнавме и се препознавме како добри школски другари. „Те читам, братче! Супер си!“ – ми рече. Тој, во меѓувреме, пораснал во силен физички работник. И почнал да чита.
ЕХОТО НА СПОМЕНИТЕ И СУРОВАТА РЕАЛНОСТ
Три години по оваа случка, умре Тито, диктаторот кој создаде култ од себе, затвори или погуби илјадници неистомисленици, но кој на површината од системот цврсто ја држеше девизата „братство и единство“ во која многумина искрено и веруваа и ја спроведуваа во дело, особено во училишните клупи. Дискриминацијата беше забранета со закон. Освен тогаш кога требаше самиот систем да дискриминира. И тоа масовно. Но, тоа е друга приказна.
Мирослав, еден од моите најдобри другари, ми раскажа една приказна од животот на татко му, градежен инженер. За време на еден голем градежен зафат во 1960-тите на бреговите на Дунав се превртел чамец во кој биле тројца Албанци и еден Србин. Добар пливач, тој се фрлил во немирните води и успеал да извлече тројца, додека четвртиот настрадал. Еден од работниците му префрлил, како можел да ги спаси токму Албанците, а единствениот давеник да биде Србин. Тој кратко одговорил дека немал намера да им бара лични карти на давениците и дека тие сите биле само луѓе во неволја. Тој што ја упатил забелешката завршил в затвор пред да стаса на вечера. Татко му на Мирослав бил кум на неколку семејства, и српски и албански, до крајот на својот живот.
Не сум југоносталгичар, далеку од тоа. Оваа приказна ја споделив со вас затоа што во деновите кога едноумието паѓаше, се надевав дека од тој систем ќе произлезе нешто подобро, дека слободата да се мисли ќе се сфати како најскапоценото достигнување на човекот. Дека малкуте добри нешта од минатото ќе ги сочуваме и дека само ќе ги развиеме и ќе ги почитуваме искрено и доследно. Достоинствено. Но, тоа не се случи. Разорување и крвопролевање, насилство и омраза станаа нашето секојдневие. Ветувањето на новата доба остана само ехо во спомените на генерациите во расчекор, додека мрачните останки од тајните служби ги зазедоа стратешките точки на нашите култури, се збогатија и станаа безмилосни стопани на нашите животи.
ИСЦРТУВАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ
Многу често сум во Чаршија. Секогаш кога ќе стапнам на Камени мост, се обидувам да се сетам на него пред да го нагрдат. Воедно, ми текнува на калдрмата пред да ја заменат со нова во втората половина на минатата деценија. Се обидувам да се сетам на времето кога највисоката градба беше одвај пет метри висока, со исклучок на џамиите и црквата „Свети Димитрие“ и секако Калето. И секогаш пред очи ми излегува натписот со старотурско (отоманско) писмо и Давидовата ѕвезда под неа, уште еден симбол на мултикултурализмот кој бил присутен и се негувал на овие простори уште од времето на турскиот милет (millet) систем или верски плурализам од средниот век. Време, не толку далечно, сепак, засекогаш закопано.
Ако патот ве наведе кај Жарко во Њу Орлеанс преку ден, во длабоките сенки на столетните дрвја, ќе слушате добра музика, но таа ќе престане кога ќе почне пладневната молитва од минарињата на околните џамии. Жарко од почит кон своите комшии муслимани ја запира музиката тие неколку минути додека трае молитвата, секој ден, откако го отворил клубот.
Во „Менада“ можете да слушнете македонски, албански, турски, српски, а многу често и странски јазици. Се случило сите овие јазици да ги слушнете и на иста маса. Ги гледате и слушате вековите како прелетуваат како трепет на окото, збиени во густата маса од настани, војни, трагедии и опстанок на почитувањето и уважувањето на другиот, различниот. Луѓето бараат и наоѓаат достоинство токму во тоа, да почитуваат и да бидат почитувани за тоа што се, а не за тоа што некој од нив го бара тоа.
Но, секој ден сркаме по некој горчлив потсетник на една поинаква, многу посурова реалност која ја предизвикуваат креатурите на политичката сцена и партизираните институции на оваа држава. Ги гледам насилствата на националистите од една страна и репресијата од државниот апаратус од друга страна. Гледам како се исцртуваат границите на движење на луѓето кои сакаат да го искажат своето мислење или негодување на улиците. Таа линија е исцртана со дебели црни потези, подвлечена со оклопни луѓе и возила.
НЕДОВЕРБАТА ЗАЕДНИЧКА – НАРОДОТ ПОДЕЛЕН
Ги гледам толпите луѓе како се собираат за да искажат револт и недоверба кон институциите раководени од партиските врвови на коалицијата на власт. Тие се поделени. Некои не веруваат во власта и судовите затоа што се Албанци, други затоа што се Македонци или други, трети не веруваат затоа што се опозиционери. Некои не припаѓаат на ниедна партија, но не ја сакаат власта, не оваа, туку ваквата власт. Протестираат и оние што власта ги втурна во мизерија, како и оние што се понижени затоа што жените се третираат како апарати за раѓање.
Протестираат и оние што имаат вкус, па им се гади од барокот и уништувањето на градското зеленило, протестираат и оние чии деца дишат отрови место воздух. Од неколкумина до неколку илјади. И сите поделени и испарцелизирани. Заедничкиот именител на сите овие е дека не живеат добро, а би требало. Треба да живеат безбедно, а живеат во страв. Правна држава е воспоставена, а живеат во корумпиран лавиринт.
Заедничка им е недовербата кон грабежливците кои ја држат моќта во свои раце, наместо да ја третираат како позајмица токму од оние што протестираат, како и од оние што молкум и со сведната глава ги слушаат. Не се Албанците виновни за мизеријата на Македонците, а не се виновни ни Македонците за мизеријата на Албанците. На овие две заедници не им се виновни Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, Гораните, Египќаните… Никому не му се виновни малкуте атеисти и космополити, рокери, панкери и технаџии.
Овие кутри луѓе, жители на оваа територија со привремена кратенка место име, секој со својата мака, протестираат на сѐ потесните парцели исцртани на различни места низ намачениот и во кичерајски тоалет претворен град. Во време на бесплатна и инстант комуникација, непрегледни океани од информации и знаење достапни до секого и во секое време, сите овие неволници – не комуницираат. Својата мака не ја споделуваат. Гладниот на гладниот не му верува. Тепаниот на тепаниот не му верува. Порано, пословиците одеа поинаку. Но, порано немаше масовни медиуми во канџите на грст бескрупулозни и грди ликови. А и многу пари се вложија во софистицирани системи за манипулација, следење, притисоци и принуда. И заглупавување.
ТОПОВСКО МЕСО НА ПАРТИСКИТЕ ШЕФОВИ
Во стеснетиот простор за дишење, испарцелизирани, толпите незадоволници лесно го губат здивот и ориентацијата. За тоа време, на широк простор, осветлен од медиумските рефлектори, маршираат формации од суртуци и билмези. Набилдани со неизмерна глупост и ароганција, ликови тренирани на слепа послушност и верба во перверзните божества од витрината на суровата, недоделкана моќ на нечесните узурпатори. Тие одраснаа во училишните клупи како топовско месо за партиските шефови, добија дипломи и титули за кои не напрегнаа ниедна мозочна вијуга.
Тоа се керберите кои го чуваат, не влезот, туку излезот од пеколот во кој се претвори оваа кутра земја. Нив не ги караат кога ќе го навредат различниот, туку ги воспитуваат да мразат и понижуваат секој што е различен или не е „на линија“. И ги учат дека така треба. Ги учат дека тоа можеби е забрането со закон, но дека таквите закони се донесени под притисок на нечестивата Европа и дека, всушност, не важи. Всушност, не важи ниеден закон освен партиската програма и тоа протолкувана на состанок на партиската ќелија, не онака како што е напишано.
Не е важно ни тоа дека „нашиве“ се во коалиција со „нивните“. Тоа е така, повторно, под притисок на лошата Европа. Инаку, ги мразиме. Ако не веруваш, провери во учебниците, послушај ги неписмените наци-лајачи по медиумите, погледни го центарот на главниот град. Чукни си ја главата, зарем не ги следиш пораките од лидерот?
Суртуци и билмези! Недоделкани, недостоинствени, никакви. Навредувам? Не, само опишувам.
Нема ништо достоинствено во изневерување и извитоперување на Уставот. А токму тоа го прави власта буквално секој ден, на секој чекор. Во Парламентот носат закони со кои сиромашните стануваат уште посиромашни, ранливите стануваат уште поранливи. Против Уставот. Поточно, ако Уставот не чини, ќе го смениме. Ако Охридскиот договор ни пречи, ќе го претвориме во шега или, уште подобро, во средство за продлабочување на јазот, ширење на предрасудите и зголемување на тензиите.
А тие што зафатиле по некоја парцела за негодување и протестирање, не погледнувајќи преку високо издигнатите штитови на специјалните сили и медиумските тараби, продолжуваат да кенкаат, секој со својата мака. И се осипуваат.
Ако не добијат виза, ќе одат да работат на црно, ако ни тоа не им успее, белки ќе им се насмее среќата да влезат во уште некоја шуплива програма за преживување, некоја од оние што ги рекламираат на вести. Тогаш, ќе мора да го намалат тонот.