Два дена откако беше назначен за нов заповедник на руските сили во Украина, генералот Сергеј Суровикин почна да го спроведува својот безмилосен метод на војување, по кој стана озлогласен во Сирија. Во ракетните напади низ Украина загинаа 19 цивили, а меѓу погодените цели беа и детско игралиште и пешачки мост во Киев.
„Не сум изненаден од она што се случи во Киев. Суровикин е апсолутно безмилосен, со малку почит кон човечки живот. Се плашам дека неговите раце ќе бидат целосно покриени со украинска крв“, изјави поранешен функционер од руското министерство за одбрана, кој работел со Суровикин.
Наречен од своите колеги „Генералот Армагедон“ поради тврдокорниот и нетрадиционален пристап кон војувањето, Суровикин учествувал во разбивањето на пучот во 1991, наредувајќи да се отвори оган на продемократските демонстранти зад барикадите.
Во поново време, Суровикин беше заповедник на руската воена кампања во Сирија во 2017, каде што беше обвинет за користење контроверзни тактики, како неселективно бомбардирање на позициите на антивладините борци. Во извештај на организацијата Хјуман рајтс воч од 2020 стои дека „руските трупи под негово водство уништиле домови, училишта, здравствени установи и пазари“.