Супер вештачењето го дозаглави „Тендери“, на Канческа-Милевска и се суди 4 години

by fokus

Повеќе од 4 години и се суди на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, за случајот „Тендери“, a за кој се уште нема првостепена пресуда. Рочиштето кое требаше да се одржи вчера се одложи, а следното е закажано за следниот месец.

-Ја информираме јавноста дека расправата насроечна за 10.05.2022 година се презакажува, со оглед да предметот се уште е во фаза на супер – вештачење и до овој момент не е вратен на понатамошно постапување во судот, информираа од Кривичниот суд.

Судењето за „Тендери“, минатата година по петти пат почна од почеток, бидејќи три пати предметот почна од почеток поради проток на 90 дена од рочиште до рочиште, а два пати поради смена на судија поротник.

Истрагата за овој случај беше отворена во 2016 година, а судењето стартуваше во 2018 година.

-Поранешното СЈО на 20.10.2016 година ја отвори истрагата по предметот со кодно име „Тендери“, а судската постапка по овој предмет започна на 21.02.2018 година и истата сè уште трае, велат од Коалицијата.

Во „Тендери“ првообвинета е поранешната министерка за култура Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, од проектот „Скопје 2014“. Обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон” од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон” од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи.

В.В.

Поврзани новости