Горан Сугарески, поранешен министер за транспорт и врски, и екс директор на Царинската управа, а сега кандидат за градоначалник на Прилеп од редовите на СДСМ, со емотивна порака му се заблагодари на своето семејство, сопругата Лидија и ќерката и синот, за поддршката која ја добивал од нив. На денот кога неговата ќерка Марија славела именден, тој објави семејна фотографија, присетувајќи се дека поминале низ многу искушенија и колку било тешко кога поради професијата бил отсутен од домот.
-Семејството е единственото нешто на кое, без исклучок, секогаш и со сигурност можеме да се потпреме. Љубовта на Лидија, Марија и Глигор, се мојот најголем благослов. Професионалната кариера знаела со денови да ме оттргне од моите најсакани. Да отсуствувам од, само наизглед, малите и ситни работи кои, всушност, живот значат. Ниту било сеедно, ниту било лесно во таквите моменти да се биде далеку од домот, далеку од нив- објави Сугарески.
Тврди дека борбата за семејството, за фамилијарната среќа и иднината ќе му трае до последниот миг од животот, и порача дека низ сите искушенија ќе чекорат заедно во љубов.
-На денот кога го славиме именденот на моето првенче, со чувство на неизмерна гордост и среќа, можам да кажам дека најголемата поддршка за сите одлуки кои сум ги носел во животот, доаѓала токму од нив. Мојата сопруга и моите деца, биле и секогаш ќе бидат главниот двигател, мотив и инспирација во мојот живот.
Велат дека некои битки мора да се водат повеќе пати за да се добијат. Борбата за семејството, за нивната среќа и иднина, трае до последниот миг на животниот век. Низ искушенијата кои претстојат ќе чекориме заедно, со цврста верба и со уште поголема љубов еден за друг!-порача кандидатот за градоначалник.
Изминатите денови, повеќе кандидати за градоначалници на своите официјални страници објавија семејни фотографии и емотивни пораки посветени на својата фамилија, заблагодарувајќи се на поддршката која ја добиваат од најблиските, посебно во предизборниот период, кога се соочуваат со нов предизвик.
Вики Клинчарова