Разумен сомнеж – АДВОКАТОТ

by fokus

Оваа колумна го носи насловот на мојата прва книга која планирам да ја започнам пред Нова Година. Благородна професија која после семејството ми е нешто најубаво во животот. Адвокат!

Јанаки МИТРОВСКИ

Чесноста не може да се купи бидејќи чесниот не ја продава, за ниедно богатство на светот. А нечесниот би ја продал, ама ја нема!” –Јован Јовановиќ Змај

Од секогаш сум сакал да работам како адвокат и ништо друго. Сите мои научни трудови, предавања, активизам за канабис, итн се споредни. И таа желба не е врзана со професијата на мојот родител, исто така адвокат. Желбата постоеше и претходно, имајќи го предвид фактот дека мајка ми отвори својата канцеларија на свои триесет и девет години. Други времиња беа тоа.

ДЕГРАДИРАНА ПРОФЕСИЈА

Адвокатурата е крајно деградирана и исплукана професија во Македонија. Едно значење имаше адвокат во осумдесетите и деведесетите, и сега. И има многу стереотипи, како хохштаплери, вампири и што уште не. Зашто е тоа така? Постојат две главни причини. Првата е специфичноста на самата професија. Во судска постапка има две страни. Едната секако ќе изгуби, а судски постапки во Македонија, како и секаде во светот се скап спорт, па постојат значителни трошоци.

Илјадници пати сум ја слушал приказната од страната која изгубила дека судот зел пари, дека адвокатот го продал итн.  Втората причина е субјективна и зависи од самиот адвокат. По сила на Законот за адвокатура, како и Кодексот на етика на адвокатите, истиот е должен реално да ви ја претстави состојбата, а не да ви го каже тоа што сакате да го чуете. Впрочем, доколку нема ни минимални изгледи за успех, адвокатот е должен и да ве одбие за застапување.

За жал, дел, и тоа е само мала фракција од адвокатите, не се држат до овој принцип и во трка по предмети се подготвени да ветат, ама баш се. Но она што јавноста не го знае, ниту го верува е дека се работи за максимум стотина адвокати ( дали и толку) кои немавме харброст самите да ги елиминираме.

Никогаш нема на медиум да прочитате дека од три и пол илјади регистрирани адвокати, четиристотини и педесет се со блокирани сметки. Со други зборови, крпат. И ова е информација бајата шест години.

 ИМАМЕ 22 ПРАВНИ ФАКУЛТЕТА

Македонија е далеку над европскиот просек од еден адвокат на илјада граѓани. Ние имаме 1.7 и за тоа е  виновен Груевски, кој во трка за политички поени се живо запиша на факултет со цел вештачко намалување на невработеноста, без да се мисли за долгорочните последици. Забога, па во земја со два милиона жители ние имаме дваесет и два правни факултета!!!

Јас сум заљубен во својата професија, и ја имам таа, навистина ретка привилегија во Македонија да егзистирам од професија која ја сакам. Не сум самобендисан, кога велам дека треба да има до максимум две илјади адвокати, затоа што добар дел од нив не ни сакаат да работат адвокатура, туку тоа го прават од немај каде. Но адвокатот пред се мора да биде чесен, и на секогаш на располагање на сиромашни странки!

Кога гостував во емисијата „Запиј ако можеш“ на ТВ Алфа со Горан Момировски и Драган Милосављевиќ ме задеваа дека сум си ја бранел професијата. Јас лично имам гонето четворица адвокати во мојата кариера, двајца кривично и двајца во граѓанска постапка за надомест на штета поради несовесно постапување. И воопшто не ги жалам, бидејќи таков тип не ги ни сметам за колеги!

Оваа колумна го носи насловот на мојата прва книга која планирам да ја започнам пред Нова Година. Благородна професија која после семејството ми е нешто најубаво во животот. Адвокат!

 

 

Поврзани новости