Судството како фамилијарна трговија со пресуди

by Фокус

Поразителен е фактот дека речиси секој петти избран кандидат за судија или јавен обвинител, од страна на нашата Академија за судии и јавни обвинители, е син, ќерка, внук, братучед, сопруг, сопруга, снаа или зет на актуелни политичари од СДС, ДУИ и ДПМНЕ или, пак, на актуелни, т.е. пензионирани судии и обвинители!?

Пишува: проф. д-р Димитар АПАСИЕВ

Библијата ги перцепира судиите како дерачи на сиромашните. Во Стариот завет, во Книгата Псалми, се вели: „Не стапнувај во суд“! А во Новиот завет, пак, Исус вака му се обраќа на насобраниот народ:

Кога одиш со парничарот свој пред власта, гледај навреме, уште по патот, да се измириш со него – за да не те предаде тој на судијата, а овој на извршителот, па да те пикнат в затвор. Оти, вистина ти велам, нема да излезеш од таму сè додека не им ја дадеш и последната пара“.

СУДИИТЕ – НЕПОТИСТИЧКИ ВЛАСТОПОСЛУШНИЦИ

Малодушниот феномен наречен македонски судија е потхрануван и гоен децении наназад, од сите влади и коалиции, со низа привилегии за оваа лесно расиплива сорта луѓе. Патем речено, нивните бенефиции се мисловна именка за другите „општествено корисни работници“.

Но, поразителен е фактот дека речиси секој петти избран кандидат за судија или јавен обвинител, од страна на нашата Академија за судии и јавни обвинители, е син, ќерка, внук, братучед, сопруг, сопруга, снаа или зет на актуелни политичари од СДС, ДУИ и ДПМНЕ или, пак, на актуелни, т.е. пензионирани судии и обвинители!?

Тоа значи дека традицијата на династиско-кастинскиот систем во нашето правосудство, која е рак рана на ова посттранзициско општество, продолжува со несмален интензитет.

Дипломираниот правник на престижен англиски универзитет – Mахатма Ганди, во својот спис Хинду Свараџ (1909), ни дава есенцијална етичка критика на ваквите возгордеани правни умови, кои се неизбежен декор на секој неправеден систем:

Погрешно е да се мисли дека судовите се основани за доброто на народот! Тие што сакаат да ја одржат својата моќ го прават тоа токму преку судовите. Ние, во нашиот простотилак и незнаење, си замислуваме дека туѓинец, земајќи ни ги парите, ни дели правда“!?

Судиските грешки и судиското незнаење ги плаќаме сите, ама од заедничкиот републички буџет. Изгледа не ќе да е сѐ до лошите закони, туку и до неспособноста, тесноградноста, позитивизмот и корумпираноста на судиите.

СУДИИТЕ – ЈАСТРЕБИ ПРЕПРАВЕНИ ВО ТОГИ

Професорот од Универзитетот во Гент – Ван Кенеген (1992) ја поставува следнава логичка дилема:

А каква корист имаме ние од судиите, ако тие можат да бидат принудени да се сложат со незаконските барања на власта – која, пак, е парализирана од класна привилегираност и нема сили да ја скрши кората од аристократски обичаи, со цел да го модернизира и облагороди правниот систем“?

Нашите судии, чиј просечен успех од студии – според зборовите на покојниот легендарен професор Ѓорѓи Марјановиќ, се движи „околу шестица“ – знаејќи дека не ја заслужуваат функцијата што ја вршат, често на своја рака го извртуваат текот на правдата.

Со други зборови, тие чувствуваат интимна потреба, со умилкување и судење по нарачка, да им се оддолжат на оние што незаслужено ги избрале – па, дури и во случаи кога овие изрично не го бараат тоа од нив. За оваа своја лојалност, тие очекуваат да бидат соодветно „вреднувани“ и наградени – барем со избор во судија на повисок суд.

Јансенистот Блез Паскал (XVII век), во своето недовршено дело Мисли, иронично говори за судиите, и тоа во делот посветен на човековата возгордеаност и арогантност:

Нивната судиска црвена руба, нивните наметала и тоги со хермелинско крзно, со кои се дотерани како некои мачори, палатите во кои судат, китките лилии и сиот тој величествен болскот ним им е толку нужен. Без овој циркус тие никогаш не би можеле да ги мамат луѓето – кои не можат да ѝ преодолеат на оваа, толку веродостојна комедија.

А ако вистински беа справедливи и ако навистина си го знаеја занаетот, не ќе им требаше да измислуваат коцкести шапки и дрвени чеканчиња – оти големината на нивната ’наука’ ќе беше достојна за почит самата по себе! Ама, затоа што имаат само вообразена ученост, тие треба да се служат со овој излишен надворешен изглед, што само ѝ годи на вообразбата на оние наредбодавци за кои работат“.

(Авторот е претседател на Левица)

Поврзани новости