Судските службеници и судската администрација повторно во штрајк

by Фокус

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ) и Здружението за судска администрација (ЗСА) ќе го продолжат штрајкот од декември, кој беше предупредувачки, и на  23, 24 и 25 март  ќе одржат три дневен штрајк во сите судови во земјава.

Како што информираат од Синдикатот, овој штрајк претставува следна фаза од барањата за измени на Законот за судска служба. Синдикатот на УПОЗ и ЗСА ќе побара и зголемување на платите на вработените во судската администрација, исплаќање на зголемувањето од 5% и враќање на работното време од 7,30 до 15,30.

-Работната група подготви нов предлог текст на Законот за судска служба во кој беа опфатени сите предлози и забелешки на Синдикатот и ЗСА. Подготвениот предлог текст на Законот беше предаден во Министерството за правда и беше побарано итно разгледување на истиот, прифаќање на предлозите и отпочнувањепостапка за усвојување нов текст на Законот за судска служба. Но, оттогаш до денес, Министерството за правда ги проби сите рокови и не се произнесе по предлозите. Поради горе наведеното Синдикатот на УПОЗ и ЗСА се одлучија да организираат три дневен штрајк, а на 25.03.2016 година, ќе биде организиран протест пред Министерството за правда, Министерството за информатичко општество и администрација кој ќе заврши пред Владата на Р. Македонија, се вели во соопштението од Синдикатот.

Поврзани новости