Судскиот совет на Република Северна Македонија, на денешната седница ги повлече од разгледување поединечните извештаи од работните посети за предметот „Трансмет“ на Врховен суд, Апелационен суд Скопје, Основен граѓански суд Скопје и Основен кривичен суд Скопје и ги задолжи координаторите на четирите судови во рок од 15 дена да изработат еден заеднички извештај што потоа ќе биде разгледан на седница.
Претседателот на Судски совет Сашко Георгиев, рече дека со оглед дека станува збор за ист предмет којшто се движи процесно од првостепен, второстепен, па и третостепен суд, треба да биде во еден единствен заклучок.
„Од тие причини. Како координатори на тие судови, во тој период биле Весна Дамева на Кривичен суд, колегата Ханиф Зендели на Врховен суд, колешката Лорета Ѓоргиева на Граѓанскиот суд и Тања Чачарова Илиевска на Апелациониот суд Скопје ве задолжувам, да биде изготвен еден единствен извештај во рок од 15 дена“, изјави Георгиев.