Судските службеници се подготвени да штрајкуваат доколку не се направат итни промени во новиот Закон за судска служба кој е донесен во 2014 година, вели за Алсат М претседателот на Здружението на судска администрација, Борче Мирчески.
-Подготвени сме за протести. Можеме да правиме опструкции, штрајк и да ја блокираме работата и тоа ќе биде одлучувано благовремено како ќе се одвиваат работите. Јас можам да кажам дека и во овој момент веќе имаме одлевање на квалитетниот кадар од судската служба во адвокати, изјави Мирчески за Алсат М.
Тој вели дека со овој закон службениците кои работат во судовите сега се поистоветуваат со останатите државни службеници, но има и бројни одредби кои влијаат демотивирачки на целата судска администрација.
-Во овој закон има само една одредба која е мотивирачка. За оние кои ќе бидат оценети со оценка 5, има како мотивација една плата плус како награда. Но, за оние кои се оценети со оценка 1 им престанува работниот однос веднаш, објасни Мирчески.
Во законот се предвидува и сите службеници кои имаат помалку од 10 години до пензија да мораат за две години да достават сертификат дека познаваат еден од трите јазици кои се зборуваат во ЕУ. Во споротивно, ќе им се намали звањето за еден степен.
Иницијативата за стопирање на овој закон е доставена до Уставниот суд, а забелешки се поднесени и до Министерството за правда.