Судската власт не е марионета , порачува Судскиот совет за најавите на Мицкоски за негово распуштање

by Fokus

Само тогаш кога политичарите што доаѓаат и си заминуваат од власт, ќе сфатат дека судската власт е столбот што останува и не е марионета, ниту инструмент за остварување нечии интереси, граѓаните ќе добијат судство какво што заслужуваат.

Ова е првичната реакција на Судскиот совет по најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија партија освои најмногу гласови на изборите, дека ќе ги распуши Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како решение за независно правосудство и решавање на проблемите во оваа област.

Во изјава за „Фокус“ од Судскиот совет велат дека не се впуштаат во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, но порачуваат дека се свесни за состојбите во судството, за нивото на доверба и го прифаќаат сето она што како недостаток се става на товар на судството.

„Меѓутоа, исто така, убедени сме дека судството во Република Северна Македонија има капацитет да ги надмине состојбите без  реформи и резови за кои никој не може однапред  да ги предвиди ефектите што ќе бидат предизвикани. Реформи заради реформи никому не му се потребни и тие само ќе ги  вратат неколку чекори назад процесите и активностите што Судскиот совет ги презема во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а се во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза, се вели во изјавата од Судскиот совет за „Фокус“.

Реалност или празни ветувања – Кревките правосудни тела, Мицкоски ќе ги прави „распуштеници“

Тие укажуваат дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна.

„Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството  и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото, како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ“, заклучуваат од Советот.

Кога се случи скандалозното и незаконско разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева беше единствената меѓу судиите која за првпат јавно кажа дека зад нејзиното разрешување стојат поединци од политиката кои се соочиле со отпор во Судскиот совет.

Весна Дамева – претседател на Судски совет

По нејзиното разрешување имаше оценска мисија од ЕУ која со месеци ја скенираше состојбата во Советот и даде низа препораки.

Дамева, правната битка ја истера до крај и со пресуда на Управниот суд беше вратена на претседателското место.

Ја продолжи соработката со меѓународната заедница и веќе почна со спроведувањето на извештајот на Оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет, во кој немаше никаква препорака за распуштање.

Додека Судскиот совет е на тапет на јавноста и се труди да ги спроведе препораките што им ги испорача оценската мисија на ЕУ, Советот на јавни обвинители си молчи.

„Фокус“ ја контактираше и претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, која нѐ препрати да испратиме прашања на официјалниот имејл на институцијата.

Душица Димитриеска – претседател на Совет на јавни обвинители

Но, сепак, од Советот не добивме никаква реакција, иако партијата што ќе биде на власт најавува дека го распушти целиот сегашен состав на ова тело.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости