Според претседателот на Здружението на судска администрација, Борче Мирчевски и генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Дејановски на штрајкот ќе излезат судските службеници од сите судови во Македонија и ќе трае два часа, односно од 10,30 до 12,30 часот. Штрајкот започнува денеска и ќе се одвива во ходниците на судските згради. Ќе се судат само итните случаи, пред се притворските.
„Законот за судска служба има низа суштински и технички грешки, донесен е без темелна расправа и без вклученост на стручната јавност, тој е противуставен и штетен за судската администрација. Законот е нејасен, недоречен, контрадикторен, неприменлив, демотивирачки, ограничувачки и несоодветен за специфичностите на судската служба. Постојано укажуваме на потребата од негови измени“- коментира Мирчевски.
Штрајкот има поддршка од Синдикатот на УПОЗ.
„По донесувањето на Законот ние поднесуваме забелешки и организиравме работни средби со Министерството за правда. Исто така, организиравме и протестен штрајк на 1 мај кој се однесуваше на Законот за судска служба. Но, нашите предупредувања не беа земени предвид. Незадоволството кај судските службеници е навистина големо и немавме друг избор освен да го организираме овој предупредувачки штрајк заедно со Здружението на судска администрација“, вели Дејановски.
Што практично не е добро во законот и на што реагира судската администрација?
Со закон е предвидено оценувањето на судскиот администратор да го врши претседателот на судот по предлог и мислење на претседателите на судските оддели. Ваквата одредба е несоодветна, не е целосно обработена и го нарушува професионалниот интегритет на судскиот администратор и неговото објективно и законито постапување, а директно влијае врз намалување на професионалноста на судскиот администратор и на судот. Исто така, во делот на законските одредби за пополнување на испразнетите работни места по кој било основ, треба да му се даде приоритет на интерниот оглас. Ова е од причина што во судовите работат судски службеници со долгогодишно професионално искуство, чијашто единствена можност за унапредување и мотивација е примената на интерниот оглас
Акцентот е ставен на казнувањето, а не на наградата како мотив за поквалитетно и стручно извршување на работните задачи. Одредбите за оценување се преклопуваат со одредбите за дисциплинска одговорност. Делот на оценување треба да предизвика мотивација, да има карактер на наградување. Оценувањето треба да има правилно утврдени критериуми за утврдување на оценката на вработените, но никако не смее да биде лимитирано со процент.