Судска забрана за „Скопски Пазар“: не може да откупува сопствени акции

by fokus

Судот по тужба на најголемиот акционер „Современ дом“ времено ги замрзна одлуките за продажба на сопствени акции и за купување други сопствени акции со пари на акционерите, пренесе Фактор.

Замрзнати се вкупно седум одлуки од собранието одржано на 24 април годинава. Скопскиот Основен суд 2 му забрани на „Скопски пазар“ да ја спроведе одлуката со која планираше 150 милиони денари (2,5 милиони евра) да ги искористи за откуп на сопствени акции. Скопскиот суд оваа времена мерка ја донел по тужба на „Современ дом“ најголем поединечен акционер во „Скопски пазар“.

Судот, како што пренесува порталот, ги прифатил аргументите на „Современ дом“ дека акционерското собрание било свикано спротивно на измените на Законот за трговски друштва. Судот констатира дека акционерското собрание на оваа компанија е свикано порано од предвидениот рок, а со примена на усвоените одлуки може да се направи голема штета на акционерите во „Скопски пазар“.

Според податоците од акционерската книга на „Скопски пазар“ од 7 јуни, „Современ дом“ поседува 10611 акции во оваа компанија, потоа следува Тодорка Давитковска со 8055 акции, па Сашо Давитковски со 7548 акции. Од 7 јуни досега Давитковски продаде уште дополнителни околу 350 акции на некогаш една од најголемите мало продажни трговски компании.

 

Поврзани новости