Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, денеска во Основниот суд во Штип ја доби тужбата за нарушена чест и углед што ја поднесе против штипскиот бизнисмен Мики Наумов. Заев ја поднесе тужбата откако Наумов во јавноста излезе со обвинување против претседателот на СДСМ дека му побарал мито.
Според судијата Стојан Михов, портпарол во Основниот суд во Штип, осудениот Наумов, во втората половина од месец мај годинава, за ТВ Алфа изјавил дека само два дена по последниот избор за градоначалник на Струмица, Зоран Заев му побарал мито од 39.000 евра во готово, а тој му дал 35.000 евра. Судот утврдил дека тужениот Мики Наумов изнесувал невистини, со што ги нарушил честа и угледот на тужителот Заев.
Зоран Заев во тужбата барал оштета од еден милион денари, но Судот пресудил дека Наумов ќе треба да му плати 150.000 денари.