Судот: Постапката со Кежаровски е законска и редовна

by lali

Во случајот со Томислав Кежаровски и неговото експресно пренесување во затвор не важи редовната постапка која овозможува поднесување молби и барања за одложување на извршувањето на казната. Тоа што Кежаровки бил во домашен притвор е исто како да бил во притвор во Шутка и практично притворот му се заменува со затвор.

Процедурата за „Фокус“ ја објаснува претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски. „Со правосилноста на пресудата практично престанува притворот и тоа по автоматизам значи дека осуденикот мора да оди на издржување казна затвор. Поднесувањето некакви молби или барања им се овозможени само на лицата кои имаат правосилна пресуда, но се бранеле од слобода, што овде не е случај. Тука пресудата му се врачува на осудениот и тој мора да оди на издржување и тоа е направено според закон. Тука не постои никаков упатен акт, туку само пресуда на апелација и наредба од судот, потпишана од судија за извршување санкции до МВР да го спроведе осуденикот. Ова е редовна постапка, исто како кога некој од редовен притвор се пренесува во затвор“- вели Панчевски.

Ова значи дека на пример, осудениот судија Иле Танев, има право да поднесува молби затоа што тој има за одлежување уште неколку месеци од казната, но со оглед дека последните месеци се брани од слобода ќе може да поднесе некакво барање, на пример за одложување на издржувањето на казната.

На Кежаровски му останува само да поднесе барање за условен отпуст. Познавачите коментираат дека иако формално Кежаровски ја има издржано 90 отсто од казната сепак реално тој нема одлежано воопшто затоа што 20 месеци е во притвор. Колку сега ова може да биде пречка судот да не дозволи Кежаровски порано да го напушти затворот? Ќе може ли судот ова да го користи како аргумент кога ќе одлучува по барањето за условен отпуст.

Инаку таквото барање го најави адвокатот Филип Медарски кој има забелешки на префрлањето на Кежаровски во затвор, пред се дека му се повредени човековите права и дека тој нема примено никаква пресуда.

 

Поврзани новости