Разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми, Лидија Димова денеска е во Кривичниот суд на распит кај судија на претходна постапка кој треба да одлучи дали ќе го прифати барањето на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да ѝ биде одземен пасошот.
Обвинителството за тројца осомничени во истрагата, Димова, Зоран Златковски, сопственик на В.Е.З. Трејд и Александар Гочев побара да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Денеска на распит беше и Гочев, а за Златковски судот уште во петокот одлучи да му определи мерки за претпазливост.
Финасиската полиција поднесе кривична пријава против четири лица, а Обвинителството отоври истрага за неколку кривични дела. Осомничените се товарат дека причиниле штета од големи размери на доверените средства на Европската заедница во вкупен износ од 25.334.543 денари или над 400.000 евра.