Судијката Татјана Михајлова не дозволи во судскиот случај во кој обвинети се експремиерот Никола Груевски и ексминистерот Миле Јанакиески за насилството во општина Ценатр, да сведочи загрозен сведок. Исто така, и како доказ, на денешното подготвително рочиште, не ги прифати доказите кои произлегуваат од бомбите, односно од незаконски прислушуваните комуникации.
Судијката својата одлука ја образложи истакнувајќи дека доказите кои произлегуваат од т.н. бомби се незаконски обезбедни, а одлуката да не дозволи да сведочи загорозен сведок, ја оправда истакнувајќи дека за ова кривично дело, насилство, законот не дозволувал ваков сведок. Откако судијката ја соопшти одлуката, го заврши подготвителното рочиште, а главната расправа ја закажа за 22 февруари кога исказ треба да дадат обвинетите.
За цело време додека траеше рочиштето, судијката Михајлова дрско и строго ја опоменуваше обвинителката Фатиме Фетаи да внимава кога зборува, бидејќи како што рече, за текот на судењето ќе одлучела таа и немало да им дозволи на странките, мислејќи на СЈО, судењето да го претворат во циркус.
Покрај трите опомени и заканата дека ќе биде отстранета од судницата, судијката ја обвини Фетаи и дека правела гримаси и тикови, односно ја обвини за иронично однесување додека таа зборувала. Судијката додаде дека и покрај тоа што судењето се снима, жали што камерата не е доволно близу до обвинителката Фетаи за да можат нејзините гримаси да бидат видео документирани. Фетаи на ова само одговори дека таа се однесува коректно и со почит кон судот.
Додека пак судијката зборуваше со одбраната, видливо беше дека е смирена и им се обраќа со понизок тон. Дури додека го договараа датумот за главната расправа, Фетаи побара тоа да е што поскоро, бидејќи предметот се води по скратена постапка, судијката се сврти и и рече дека за разлика од неа, таа имала полни раце работа па ќе го закаже судењето кога ќе најде слободен термин.
Покрај тоа што новинарите немаа можност да му го слушнат гласот на експремиерот Никола Груевски или на останатите обвинети, тие не дозволија ниту да бидат фотографирани или снимани.
Во случајот за насилството во општина Центар кој го отвори СЈО, првоосомничени се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Според СЈО, првообвинетиот Груевски побарал, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да извршат грубо насилство врз градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и врз членови на Советот на општината.
Валентина Вурмо