Откако Љубе Бошкоски на денешното судење за случајот „Ровер“ побара да му се изврши психијатриско вештачење на судијата Илија Трпков, за да како што рече, се утврди дали судијата имал храброст објективно да го води случајот, со соопштение се огласија од Основниот суд Скопје 1. Оттаму велат дека демократско право е на секој граѓанин јавно да се изразува на свој начин, но велат и дека Судот исто така е и институција која работи според Уставот и законот.
-Го разбираме револтот кај некои од обвинетите, без да навлегуваме во причините зошто тоа го прават, а целта е очигледна одолговлекување на постапката, на која самите приговараат. Без преудицирање на било каква одлука во постапката, Судот има законска обврска да постапува по кривични предмети меѓу кои и овој и со сето ова уште еднаш се докажува дека странките во постапката односно и обвинетите ги уживаат сите можни права, па дури и правото јавно да го изразат своето непочитување спрема Судот како институција која ужива углед, се вели во соопштението на Основен суд Скопје 1.