Кривичниот суд го прифатил барањето на скопското обвинителство и му одредил осумдневен притвор на човекот кој минатата недела нападна снимател од Телевизија 24 и ја вреѓаше цела новинарска екипа којашто отиде да ја снима куќата што била пријавена како место за престој на Украинецот Олександр Онишченко кој доби македонско државјанство иако е на црната листа на САД.
Притворот е во траење од осум дена бидејќи предметот се води по скратена постапка, но за неклку дена, кога му истекува, може да му биде продолжен за дополнителни осум дена. Иако Обвинителството тогаш бараше да му се одреди притвор, судот не излезе со информација за јавноста дали го прифатил предлогот или не.
Скопското обвинителство бараше притвор поради опасност од бегство, но и повторување на делото.
-Пријавениот, на 14 ноември, со грубо навредување и грубо насилство ја загрозил сигурноста на снимател од новинарска екипа, додека кај присутните сведоци – новинар и возач на телевизиската екипа предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Осомничениот најпрвин упатил погрдни зборови и пцовки кон новинарската екипа која снимала прилог, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со лактот во вилицата и нанесувајќи му телесна повреда – набиеница, соопшти Обвинителството.
Ф.Ф.С.