Охридскиот суд ја прифатил гаранцијата и им го укинал пртиворот на охридскиот советник и бизнисмен Нефи Усеини и неговиот брат, но обвинителството се жали па Усеини остануваат во затвор да ја чекаат одлуката што треба да ја донесе битолска Апелација.
Од охридскиот суд за Телма, потврдиле дека ја прифатиле гаранцијата што ја понудиле Усеини и неговиот брат. Од првично по 10 илјади евра, сумата пораснала на 15 илјади евра или вкупно 30 илјади за двајцата. Покрај укинувањето на притворот охридскиот суд предвидел и определување на мерки на претпазливост.
Во четврток им истекува 8 -дневниот притвор. Сами се пријавија во охридскиот затвор на 26 -ти месецов откако претходно 6 дена беа недостапни. Браќата Усеини се осомничени за нападот врз охриѓанецот Спирко Топалоски и се води истрага за две кривични дела „насилство“ и „недозволено држење на оружје“.