Првото рочиште од судскиот спор во кој премиерот Никола Груевски го тужи опозицискиот лидер Зоран Заев, поради тоа што неговите обвинувања дека е „татко на криминалот“ и „креатор на криминалната мрежа“ му предизвикале душевна болка, ќе се одржат на први и втори септември.
На денешното подготвително рочиште, судот ја отфрли снимката на која наводно се договара продажбата на „Македонска банка“ како доказен материјал, бидејќи, како што претходно оцени и Јавното обвинителство, е направена без налог од државен истражен орган. Доколку судот го стореше спротивното, адвокатскиот тим на Груевски смета дека тоа ќе имало несогледливи последици по правниот систем на земјата, бидејќи секој ќе се однесува истовремено како обвинител, судија, извршител, наредбодавател…
Исто така, судот не го прифати ниту барањето на одбраната како сведок во процесот да се појави Ден Дончев, додека понатаму ќе одлучи во однос на евентуалното сведочење на Јовица Стефановски, познат како газда Нини, поранешен сопственик на банката се до нејзината ликвидација во 2007 година, затоа што моментално не може да се утврди неговата адреса на живеење. Како што истакнаа од одбраната, Заев ја добил снимката од едно од лицата кои учествуваа во разговорот, без да прецизираат кој е тој, иако тоа лесно се насетува.