Ден Дончев и Нини предложени за сведоци во случајот Заев- Груевски

by fokus

Според одбраната, неопходно е судот да ги сослуша предложените сведоци бидејќи и двајцата се дел од снимените разговори, на кој според СДСМ, учествува и премиерот Груевски и наводно ја договара нелегалната продажба на Македонска банка.

Одбраната потенцираше и дека еден од предложените сведоци му ја дал снимката на Заев, која подоцна беше објавена во јавност.

Останува неизвесно дали судот ќе ги прифати сведоците. За сведокот Нини, одбраната до судот не ја достави адресата, бидејќи не им е позната, а за Дончев е наведена адресата во Австралија, каде што живее со години.

Неофицијално дознаваме дека и двајцата сведоци се расположени да сведочат пред Граѓанскиот суд, но останува да се почека дали судот ќе ги прифати како сведоци и ќе ги повика во судот.

На денешното подготвително рочиште суд го отфрли барањето на одбраната да го прекине спорот, се додека случајот „Македонска банка“ не добие кривична завршница.

Иако обвинителството веќе излезе со став дека нема да покрене истрага против премиерот, од одбраната на Заев истакнаа дека ова решение е неправосилно, бидејќи оштетената страна има право на жалба. Во случајот оштетената страна е државата, а жалбата во случајот би ја поднело Државното правобранителство. Сепак, судот одлучи процесот да продолжи.

На денешното рочиште не се појави ниту премиерот Груевски, ниту лидерот на СДСМ, Заев.

Поврзани новости