Судот го потврди притворот, Грујевски е првиот притвореник на СЈО

by Фокус

Истиот судија на претходна постапка, Јован Лазаревски, се премисли откако го сослуша Горан Грујоски од Петтата управа и му определи мерка притвор од 30 дена. Во текот на вчерашниот ден судијата не сакаше ниту да издаде налог за претрес, ниту да одобри притвор, па специјалните обвинители на крајот мораа да одат да го побараат на домашна адреса. Притворот вечерва го потврди и судот преку соопштение во кое освен одлуката дека има 30 дена притвор нема ништо друго.

Грујоски е осомничен дека учествувал во уништување на системите за прислушување заедно со негови подредени и со ексминистерката за внатрешни работи Јанкуловска. Освен што ја злоупотребил службената положба тој фалсификувал и службени исправи за да го прикрие првичното кривично дело.

Специјалното обвинителство само за него побара мерка притвор, додека за останатите предложи мерки да не го напуштаат домот, односно да не смеат да се појават на работните места. Овие предлози се уште не се стигнати во судот. Обвинителството на прес конференција објасни дека Грујоски заедно со уште началник и со ексминистерката формирале комисија која имала задача да ја уништи опремата и со тоа да заштити лица кои учествувале во незаконското прислушување.

Адвокатите на Грујоски порано го напуштија судот без да дадат коментар, а пред еден час Грујоски со лисици на рацете беше пренесен во притвор. Освен полициско обезбедување околу судската зграда и новинарските екипи немаше никој друг што би реагирал на судската одлука. Од утре најверојатно ќе се разгледуваат и предлозите за останатите осомничени. Ова е прв притвор од неколкуте кои ги побара Јанева, пред се во првата истрага за изборните нерегуларности „Титаник“.

Случајот пак „Тврдина“ ќе мора да открие кои лица се штителе со уништување на опремата и дали меѓу нив се вработените од УБК кои го спровеле незаконското прислушување. Со овој предмет практично се открива скандалот кој ја донесе Македонија во политичка криза.

 

Поврзани новости