Судот ги штити граничните полицајци кои ги дискриминираат Ромите

by fokus

Соочени со суровоста на граничните полицајци кои ги малтретираат при излезот од Македонија, десетици Роми се обиделе правдата да ја истераат на суд. Похрабрите се одлучиле да го тужат МВР, односно државата за непочитување на Уставот, како и за ограничување на правото на движење, како и за понавредливото дело – расно профилирање на Ромите на граница. Но, судот во многу случаи не ги препознава ваквите незаконски ограничувања и не е заштитник на човековите права. Со помош на невладините организации и Хелсиншкиот комитет граѓаните се жалат во Стразбур

Пишува
Љубиша АРСИЌ

Во 2011 година, кога беше симнат визниот режим за Македонците, многумина граѓани својата иднина ја замислуваа во Европа. Некои имаа среќа да заминат, но за некои западните држави останаа само замислен рај. Првите години од визната либерализација во јавноста провејуваа информации дека поголемиот дел од македонските државјани кои стојат во колони на граничните премини кон Европа, се од ромска националност. Загриженоста на Брисел дека е можно голем бран Македонци да отпатуваат на Запад беше поинаку протолкувана од македонската полиција, која, наместо да ја почитува процедурата за излез од државата, почна да прави расно профилирање на патниците кои сакаа да ја напуштат Македонија и да ги применува правилата кои се однесуваат за влез во држава на Европската Унија кои никако не смее да се применуваат за излез од државата. Во превод, ако си Ром не смееш да заминеш од Македонија затоа што си потенцијален азилант. Од тоа се воделе граничарите и притоа, со секое спречување на македонски државјанин да ја напушти земјата, полицајците го кршеле Уставот.

Во Уставот јасно е дефинирано дека секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во неа. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето. Ова значи дека напуштањето на државата спаѓа во правото на слободно движење. Со оглед дека не постојат други законски ограничувања за заминување преку граница, граничните полицајци не смееле да измислуваат процедури и услови како причина да не им овозможат на стотици Роми да заминат од Македонија, но сепак, го правеле тоа.

Таквите граѓани, соочени со суровоста на граничните полицајци и неможноста да отпатуваат, иако некои од нив воопшто немале намера да останат на Запад, се обиделе правдата да ја истераат на суд. Похрабрите се одлучиле да го тужат Министерството за внатрешни работи (МВР), односно државата за непочитување на Уставот, или поточно за ограничување на правото на движење, но и понавредливото дело – расно профилирање на Ромите на граница. Но, дали судот ги препознава ваквите незаконски ограничувања и дали тој е заштитник на човековите права? Можно ли е да замижува пред јасните и недвосмислени факти и да не го утврди ограниченото движење и дискриминацијата по етничка основа?

ЌЕ НАСТРАДАШ ЗАШТО СИ РОМ

Со цел да покаже дека станува збор за дискриминаторска пракса која државата системски ја спроведува врз ромската етничка заедница, Хелсиншкиот комитет спроведе тестирање за да го докаже расното профилирање од страна на полициските службеници на граничните премини. Во процесот биле вклучени петмина, тројца Роми и по еден Македонец и Албанец. Тестирањето е направено двапати во различни денови и во различни смени.

Во едната група, како тестер бил Езган Мемедов од Делчево. Тој, заедно со останатите, намерно се облекле слично со цел да остават впечаток дека се од иста социјална категорија. Интересно е дека на сите им биле обезбедени имиња и адреси на вистински српски државјани кај кои патувале, а сите носеле по 50 евра. Кога пристигнале на граничниот премин Табановце започнал хоророт за Ромите. Освен тројцата од групата, во автобусот имало уште една патничка од ромска националност која исто така била понижена и посрамотена од третманот на полицајците.

-Само што не забележа дека сме Роми, граничарот ни нареди да се симнеме од автобусот. Уште првиот изустен збор му беше навреда и кавга. Ни се дереше зошто сме патувале и зошто правиме метеж на граница кога и онака Ромите не ги пуштаат никаде. Искрено, за момент се почувствував како терорист, како дилер… цел граничен премин зјапаше во нас. Мене ме чуваа половина час и ме испрашуваа каде ќе одам, кој ќе ме пречека, дали имам пари, дали имам гарантно писмо. И сето тоа беше изведено на начин што моите човекови права беа погазени. Кога се качивме назад во автобусот сите чудно не гледаа – се присетува Мемедов на лошата слика од граница.

За разлика од Ромите, на другите двајца од групата, Македонецот и Албанецот, освен што им ставиле печат за излез од државата не ги прашале буквално ништо. Тие цело време останале на седиштата и спокојно набљудувале. За да биде незаконието уште поголемо еден од граничарите ги запишал имињата на ромските патници во една тетратка со укажување дека ако не се вратат назад од Србија за два дена, како што ветиле, тој ќе проверел, а тие ќе настрадале.

По тестирањето и јасното воочување на фактичката ситуација дека граничната полиција го крши Уставот и прави расно профилирање на патниците, Хелсиншкиот комитет поднел тужба за да биде утврдена дискриминација по етничка основа, но зачудувачки, наместо да ги штити граѓанските права, судот не препознал нееднаков третман. Дури, во пресудата судот навел дека сепак на крајот граничарите ги пуштиле Ромите да заминат преку граница. Но, ако е точно тврдењето на судот дека не им било ограничено движењето, тогаш што е со расната дискриминација?

Кога некој те вади од автобус, те малтретира, се однесува нерамноправно, те издвојува од групата затоа што си Ром, тоа е класично расно профилирање и тоа судот не успеа да го препознае. Не може ова дело да се поистоветува со правото на движење. Не е оправдување за судот да напише дека на крајот сепак поминале граница. А стравот, а срамот, а понижувањето? На ваквата пресуда се жалевме до Апелација, но таму само го потврдија истото. Неверојатно е дека судиите не препознаа деградирани граѓани кои страдале затоа што се поинакви според бојата на кожата и имињата, затоа што пасошите се само документ за идентификација, а не и за етничка припадност – коментира Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет.

Таа, како и Уранија Пировска од Комитетот, но и други очевидци на немилиот настан во автобусот, сведочеле во судница. Залудно било, оти судот повеќе верувал во полициската верзија, отколку во граѓанската. Сега овој случај ќе заврши во Судот за човекови права во Стразбур. Таму судиите многу полесно ќе одлучат за дискриминацијата. Сето тоа што им се случувало на тестерите на граница е незаконски затоа што полицајците не смееле да ги поистоветат условите за влез во ЕУ со тие за излез од државата, како поседување одредена сума пари, гарантно писмо, покана и други критериуми, кои никако не смее да се однесуваат на македонските државјани при излез. Или, пак, ако таквите правила важат за Ромите, мора да важат и за другите патници. За да биде апсурдот уште поголем, на крајот, судот ги задолжил тужителите да платат по 1.000 евра за судски трошоци, иако МВР било застапувано од правник кој зема плата од државната каса.

СУДОТ ГО ИНТЕРЕСИРА ДРЖАВАТА, А НЕ ГРАЃАНИТЕ

Во Судот за човекови права во Стразбур ќе заврши уште еден предмет со неповолна судска пресуда за дискриминираните Роми. Четириесет и деветгодишен жител на Велес, 27 години вработен во комунално претпријатие, во 2014 година планирал кратка посета со семејството на Врање во Србија. Таму живее семејството на неговиот покоен брат, а велешанецот немал можност да патува за погребот, па се решил малку подоцна да го посети неговиот гроб. Патувал со синот, снаата и две малолетни деца. Сите имале повратни билети, а тој дури и потврда од претпријатието дека е вработен и дека користи годишен одмор. Тоа што носел 100 евра за полициските службеници не било доволно и се посомневале дека целото семејство сака да замине на Запад. Комуналниот работник објаснил дека имаат повратни билети, сместување и храна и затоа не им се потребни повеќе пари, но тоа нималку не го променило ставот на граничарите – тие не им дозволиле излез од државата, а кога ги симнале од автобусот ги оставиле на тешки временски услови.

Во 2015 година поднесена е тужба против МВР за повреда на правото на слободно движење и правото на еднаквост. Во однос на првото, очигледно е дека е ставена забрана за слободно движење. Повредата на еднаквоста се поткрепува со фактот дека од сите патници во автобусот само ромското семејство било спречено да ја напушти државата. Во текот на процесот било утврдено дека граничната полиција не смее да се повикува на Шенген бордер кодот (регулатива на ЕУ за движење преку граница која се однесува исклучиво на државите членки) затоа што тој не се однесува ниту на Македонија, ниту на Србија. Како сведок бил повикан полицаецот кој го забранил излезот на ромското семејство, но тој не знаел да посочи според кој пропис ги спречил да заминат и според кои правила прашувал за пари и гарантно писмо. На крајот, признал дека самиот така проценил, но и тоа не било доволно за судот да препознае кршење на закон.

Иако фактичката ситуација била целосно утврдена, сепак судот пресудил дека тужбата е неоснована, па дури оштетените граѓани морале да платат 300 евра за судски трошоци. Овој случај го води Македонското здружение на млади правници, кое подготвува апликација за Стразбур за дискриминација и за ограничено движење. Случајот поминал и на Апелација, која само ја потврдила првостепената пресуда, но овој суд не одговорил на клучниот жалбен навод дека првичната пресуда не содржи повикување на пропис со кој се уредува дека на македонските државјани им се неопходни пари и гарантно писмо за патување преку граница. Со тоа судот, наместо заштитник, се појавува во улога на прекршител на човековите права.

Нема оправдување дека ЕУ го бара тоа од нас. Тоа може да се споменало во некоја дискусија, но во ниту еден меѓународен документ не е пропишано дека мора да се исполнат некои услови за излез од државата. Судската заштита во некои предмети затајува кога се повикува на шенген правилата. Оттаму, ние имаме и целосно различна судска пракса во ваквите предмети. За една иста фактичка ситуација некои судии ги прифаќаат тужбите, но некои не. Затоа ќе видите дека во некои случаи судот констатира дека нема законска основа за спречување на движењето, во друга дека полицијата, сепак, има право да спречи премин преку граница ако не се исполнети европските услови, кои не смее да се однесуваат на Македонија. Сепак, мора да земе предвид фактот дека судот во повеќето случаи констатира повреда на правото на слобода на движење и дискриминација – анализира Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници.

Оваа организација покренала триесетина постапки пред суд и не може да се каже дека сите ја имаат истата судбина, но кога судот толкува и се повикува на нешто што не е законски поткрепено, станува јасно дека судиите непотребно ја преферираат државата.

Во некои судски одлуки се навлегува во одбрана на меѓународната позиција на Македонија. Но, тоа не е работа на судот. Како да има тенденција во некои нивни одлуки дека Ромите со патувањата го рушат реномето на државата. Не само што судот не смее тоа да си го дозволи, туку не смее кредибилитетот на Македонија да се штити со повреда на правата на граѓаните – коментира Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници.

МУ ГИ СОБЛЕКЛЕ И ПЕЛЕНИТЕ НА БЕБЕТО

За уште некои законски недоследности на граничната полиција, но и за искривената улога на судството во случаите со дискриминација зборуваат примерите од праксата на адвокатот Аксел Ахмедовски, член на организацијата Кхам од Делчево, која, исто така, како и Хелсиншкиот комитет и Здружението на млади правници, на свој трошок ги води судските постапки во кои Ромите биле понижувани при обид да излезат од Македонија. Ахмедовски има покренато 20 постапки и сѐ било во ред на почетокот. Првите четири тужби му ги усвоиле и била одредена наплата на нематеријална штета во износ од 500 евра за дискриминираните Роми. Поучен од првичното искуство, тој поднел и нови тужби, за речиси идентични случаи како претходно пресудените, но тогаш запнал процесот.

Индикативно е тоа што кога полицајците ќе направат белешка не ја доставуваат до лицето што патува, туку таа се појавува во судската постапка како доказ, а на неа се чита како патникот не ги исполнува условите за излез од државата, дека нема пари и гарантно писмо, што значи, се цитираат европските правила, а не оние домашните. Дополнително, во службените белешки е нотирано дека се применува членот 15 од Законот за гранична контрола, но тој член се поврзува со шенгенските услови, иако во истиот закон во друг член е наведено дека условите од членот 15 ќе важат кога Македонија ќе биде потписник на Шенген бордер кодот, но не и сега, кога не е. Не знам како ова судот не го зема предвид?- прашува Ахмедовски.

Неговите случаи се поврзани со граничното патешествие на Ромите од Источна Македонија кои наидуваат на отпор од Апелациониот суд во Штип. Практично, во овие случаи повисокиот суд е оној кој застанува против граѓаните, иако претходно понискиот им ги уважил тужбите за дискриминација. Ердел Мустафов од Делчево патувал кон Бугарија заедно со сопругата и со мајката на сопругата, која патем, има бугарски пасош. Нејасно е зошто за пат до Благоевград граничарите му барале авионски билети, гарантно писмо и пари. Дури, се сомневале дека патниците кријат нешто кај бебето, па наредиле да го соблечат голо. Нив ги возел таксист Македонец кој изјавил дека одат на кратко до Бугарија и тој повторно ќе ги врати назад. Освен што ги спречиле да излезат од државата сторено е и делото дискриминација, оти возачот, како што изјавил во судницата, не бил претресен, не бил испрашан, иако бил во истиот автомобил. Првичната пресуда е на страна на граѓаните, но Апелација отворила ново судење. Сега првостепениот суд пресудил дека тужбата на Мустафов не е основана. Предметот е повторно во Апелација ама по жалба на ромското семејство.

Ист тек во однос на пресудите има и случајот на Суада Ибраимова и нејзината сестра. Само што таму Апелација при второто одлучување потврдила дека нема дискриминација. Тие патувале за Германија затоа што нивната мајка, која живеела таму, била болна. Откако не ги пуштиле на граница го повикале својот чичко, кој е полицаец, да гарантира дека ќе се вратат. Откако умрела мајка им, тие одново не можеле да излезат од Македонија, па повторно интервенирал чичкото. Овој случај исто така ќе заврши пред судот во Стразбур. Овие неколку судски примери потврдуваат дека судот и натаму не знае или не сака да препознае расна дискриминација врз Ромите со што наместо во чувар се претвора во прекршител на нивните човекови права.

ПОЛИЦАЈЦИТЕ ПРИЗНАЛЕ ДЕКА ПОСТАПУВААТ ПО НАРЕДБА

Хелсиншкиот комитет во соработка со МВР организирал обуки на полициски службеници токму за расното профилирање на граничните премини. Голем број од полицајците биле свесни за законските одредби кои не ги применувале, односно за опасноста дека постапувале според правила кои никаде не се запишани. Некои имале храброст да признаат дека постапувале по наредба од раководството на МВР и затоа заклучокот од обуките бил дека за ова прашање мора да има дебата на повисоко, државно и политичко ниво. Сѐ додека имаме ваква ситуација само ќе се редат нови случаи, кои сѐ почесто ќе завршуваат пред меѓународните судови.

МЕЃУНАРОДЕН ИНТЕРЕС ЗА РОМСКАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Во извештајот на Комесарот за човекови права при Советот на Европа се наведува дека во период од 2009 до 2012 година околу седум илјади граѓани на Македонија биле вратени од граничните премини. Поголем дел од нив биле од ромската популација. Ова прашање го следат и Европската комисија и Фронтекс при што утврдиле дека во 2013 година процентот на ограниченото движење преку граница е зголемен за 41 отсто во однос на претходните години. Според Стејт департментот, до 2012 година од граница биле вратени над осум илјади граѓани, претежно Роми.

ХЕЛСИНШКИ ЌЕ БАРА ЈАВНА ДЕБАТА ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈАТА

Со официјален допис во форма на јавен документ Хелсиншкиот комитет ќе бара од Собранието да организира јавна дебата за ограничување на правото на движење на Ромите и нивната расна дискриминација на премините. Во препораките се наведува дека се неопходни усогласувања на националната со меѓународната миграциона политика, обезбедување ефикасна истрага во случаи на расна дискриминација, измени во Законот за полиција, како и јакнење на капацитетите на граничните полицајци.

 


Оваа истражувачка сторија е изготвена со помош на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.
Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „Судството – чувар или прекршител на човековите права’’, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

Поврзани новости