Фотосесија на Бранко Андреев: Осмомартовски Прометеј што знае и да зачисти по дома

by fokus 13:18
13:18

Осмомартовски Прометеј – како честитка за денешниот празник и борбата на жените за рамноправност подарува фотографот Бранко Андреев, автор на фотосесијата и моден дизјанер од Струмица.

Тој веќе единаесет години има успешна кариера во Софија, Бугарија, и постојано е опкружен со дами од шоу бизнисот и европскиот џет – сет. Покрај фотографиите, нуди и неколку совети како да ги освоите вашите партнерки, не само на Осми Март, туку секој ден во годината.

,,Мојата професија како моден дизајнер, сопственик на познат бутик во центарот на Софија и моден фотограф, прави секојдневно да бидам во друштво на убави и префинети жени. Како човек од Македонија, многу добро го познавам нашиот менталитет, и имам неколку совети како не само на жените, туку и на мажите секој ден да им биде Осми Март. На сите ни е јасно дека жените сакаат мачо типови, згодни, мускулести мажи и тоа е сосема во ред, исто како што и мажите ги привлекуваат згодни жени. Но не е доволно само да се биде мускулест, туку треба и да се има манири, а секако и да и се помага на својата партнерка. Кога сопругата на пример, ќе се врати дома уморна од работа, не е доволен само вашиот добар изглед, туку е потребна и машка рака да и помогне околу домашните обврски“, вели Андреев.


Тој вели дека ако мажите одвреме – навреме земат ,,прашко’’ или пак правосмукалка во рака, ако приготват вечера, ако ги измијат тањирите после оброк, сигурно дека нема да им се скршат рацете, ниту пак ќе изгубат од својата машкост.

„Напротив, само ќе си направите услуга и ќе бидете поголем во очите на вашата партнерка, таа ќе сфати дека со вашата мала помош низ домот на свој начин и кажувате дека се грижите за неа, а жените пак умеат на свој начин да возвратат за секој ваш добар гест’’, додава Андреев.


Тој смета дека на Балканот е тешко да се искоренат многу навики кога се женско – машките односи во прашање.

„Тоа е најчесто поради суетност, поради страв или срам од тоа што ќе речат другарите ако ме видат со престилка како помагам по дома, иако и самите мажи, кога би биле искрени со себе, би си признале дека обврските во домот треба подеднакво да се делат, посебно ако и сопругот и сопругата одат на работа.Убаво е што жените добиваат посебно внимание на Осми Март, цвеќе, парфем, романтична вечера… Но ако сеуште некому му е сосема нормално да бидеме опкужени со разголени модели од понежниот пол во весници и телевизии, а пак со згрозување гледаат на згодните машки тела, тогаш сме далеку од тоа дека треба да се слави овој празник и да се вели дека жените се избриле за своја рамноправност во овој свет, кој што барем кај нас, на Балканот, сеуште е типично машки свет, вели струмичанецот Андреев.

Тој потсетува на тоа колку жени имаме во политика, а колку мажи, колку се платени жените, а колку мажите на работа, колку пати во годината жените спремаат ручек за семејството, а колку пати тоа го прават мажите, кој пегла, чисти и средува во домот по работата, а кој одмора пред телевизор.

„Ако тие обврски се распоредени барем прибилжно по половина на брачните сопружници, е тогаш може и кај нас да се збори дека празникот на жената се слави со целосно право’’, појаснува Андреев.

Нашиот осмомартовски Прометеј од фотосесијата која што ја изработи Андреев е моделот Георги Илиев од Софија, Бугарија и своите први почетоци во моделството ги направил пред околу осум години со модната агнеција на Бранко, ,,Андреев Фешн енд фотографи’’.

Кога ги договаравме деталите за позите, наместо традиционалните празнични рози во рака, се одлучивме за ,,прашко’’ малата справа за чистење на пајажини, која што ја има скоро во секој дом, а за која многу мажи ретко слушнале, или пак имале можност да ја употребат. Овој пат како мала мотивација за подзачистување за празникот и како идеја со која што би можеле да ги изненадат своите партнерки.

Вики Клинчарова

 

 

 

 

Поврзани новости