Еден од обвинетите во случајот „Музеј на Македонија“, златарот Часлав Кузмановиќ, кој заедно со уште шестмина обвинети во март годинава со првостепена пресуда беа осудени на високи затворски казни, можно е наскоро да излезе од притвор, бидејќи Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, на чело со судијаката Софија Лаличиќ, одлучил да му ја прифати гаранцијата 252.752 евра, во станови.
„Обвинетиот Часлав Кузмановиќ, кој со решение на судија на претходна постапка се наоѓа во притвор, a со првостепена пресуда е осуден на 7 година казна затвор, преку својот бранител до Кривичниот совет на овој Суд доставил Предлог за замена на притвор, со мерка гаранција. Кривичниот совет со решение КС-КР.бр.649/15 од 09.07.2015 година го уважил предлогот за замена на мерката притвор на обвинетиот и определил гаранција во висина од 252.752 евра, што се состои во ставање на хипотека на недвижен имот. По правосилноста на решението Кривичниот совет и наложил на Агенцијата за катастар на недвижности на РМ, да стави хипотека на предложениот имот и по запишување на хипотеката во Агенцијата за катастар, обвинетиот да биде пуштен од КПУ Затвор Скопје, појаснуваат од Основниот суд Скопје 1.
Она што паѓа во очи е што еден ист суд, носи две различни одлуки за притворот, односно прво судијата на претходна постапка ја донел одлуката за притворот, а потоа и при соопштувањето на пресудата, судечката судијка Моника Бахчованска носи одлука обвинетите да останат во притвор се до правосилноста на пресудата. На ваквата одлука, во април, се жали адвокатот на обвинетиот, Антонио Апостолски, кој и тогаш понудил гаранција, но и Апелациониот суд не ја прифатил.
На девети овој месец, пак, Кривичниот совет носи сосема спротивна одлука и решава мерката притвор да ја замени со гаранцијата. Сепак, Кузмановиќ се уште е зад решетки, бидејќи ваквата одлука ја обжалило Обвинителството, па се чека конечна одлука на Апелација.
„Првостепениот суд и по објавата на пресудата ја продолжил веќе определената мерка притвор бидејќи нашол дека и по завршувањето на првостепената судска одлука постојат околности кои укажуваат на очигледна можност за бегство, имајки ја во предвид висината на изречената казна. Од тие причини, а почитувајќи го во целост слободното судиско уверување при донесување на секоја одлука нејасно е како Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 со донесување на сега обжалено решение смета дека околностите кои укажуваат на опасноста на бегство можат целосно да бидат обезбедени со одредување на друга мерка-гаранција, а во корелација со неговата здравствена состојба, при што како единствен аргумент во своето образложение ја наведува здравствената состојба на обвинетиот, притоа маргинализирајќи една цела низа на аргументи кои одат во прилог на тоа дека присуството на обвинетиот во текот на постапката треба да се обезбеди и со порано определена мерка притвор“, стои во жалбата на обвинителството.
Додека судските органи да одлучат кој е во право и дали притворениот треба да се брани од слобода или не, со него во притвор се уште двајца обвинети во случајот „Музеј на Македонија“, Перо Јосифовски, екс директорот на Музејот, кој беше осуден на највисока казна од 8,8 години и Златко Видевски, програмскиот директор на Археолошкиот музеј при НУ Музеј на Македонија и кустос, кој доби казна од 6,8 години. Нивните сопруги неодамна побараа правна помош од Хелсишншкиот комитет за човеков права. Токму комитетот реагираше зошто не биле прифатени гаранциите на овие двајца обвинети.
„Од извршениот увид во документацијата од предметот, Хелсиншкиот комитет констатираше дека се сторени суштествени повреди во врска со проценката и аргументацијата за неопходноста од определувањето и продолжувањето на притворот од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје. Одлуките за притворот во случајот се донесени без објаснување за причините поради кои постои опасност од бегство, што претставува повреда на Европската конвенција за човекови права. Со продолжувањето на мерката притвор, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје, ги прекршил одредбите од член 5 став 3 на Конвенцијата, бидејќи директино им го загрозил правото на слобода на обвинетите. Судиите мораат детално да ја опишат конкретната ситуација во која се наоѓа притвореното лице, и посебно да ја ценат нивната индивидуална состојба и врските со семејството. Законот за кривична постапка предвидува и други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот и успешно водење на постапката, кои воопшто не се применуваат во судската пракса. Во конкретниот случај иако на судот му била понудена гаранција како една од најсоодветните можности за одбегнување на притворот, судот ја отфрлил“, пишува во еден од извештаите на Хелсиншки.
Предметот за кражбата на 162 артефакти од Музејот на Македонија се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за наводно несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица. Дел од обвинетите, пак, како членови на Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, се товарат за противзаконски откуп на монети. Со првостепената пресуда донесена на 20 март 2015 година, сите обвинети беа прогласени за виновни и казнети со затвор, што предизвика негативни реакции, освен од самите обвинети и нивните семејства, и од Македонското археолошко научно друштво. Сторителите на кражбата и предметите до денес не се најдени.