Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска навреме пристигна во Кривичниот суд на судењето за набавката на луксузниот мерцедес од 600.000 евра.
Во судот, исто така пристигнаа и специјалните обвинители. Екс премиерот Никола Груевски во судот дојде со закаснување, при што доби опомена од судијката Добрила Кацарска, која го води предметот, дека во иднина сите обвинети мора да дојдат навреме.
Според обвинението на СЈО, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес”, модел „С-600 гард”, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М. А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес”.