Судијката од „Рекет“ тврди дека нема никакви политички притисоци

by fokus

Судијката Васка Николовска-Масевска која го води случајот „Рекет“ тврди дека нема никакви политички притисоци за случајот кој ја дрма политичката сцена и е дел од речиси сите прес-конференции на партиите.

Николовска-Масевска денеска по сведочењето на Димишков организираше средба со новинарите кои го следат овој случај за да информира за процесни прашања поврзани со овој случај. Судијката, која е единствена што организирала ваква средба со новинарите, на новинарските прашања одговори дека нема ниту политички, ниту бизнис, ниту пак медиумски притисок.

Николовска-Масевска не сака да прогнозира дали случајот ќе се заврши до изборите, на 12 април и истакнува дека таа воопшто не размислува во таа насока дали ќе заврши пред изборите или по изборите. Според нејзиниот првичен план, судењето сакала да го заврши и до 15 март, но поради здравствените проблеми на адвокатот Дељо Кадиев, а и поради тоа што и самата била болна, се изгубиле шест рочишта.

Сепак за спорната снимка за која се води политичка битка дали Вице Заев седел заедно со осудениот Кичеец, судијката тврди дека не може да каже ниту дека тие биле на снимката, ниту дека не биле тие на снимката. Вели дека адвокатот го познава, а Вице Заев го имала видено на слика по медиумите.

Иако јавноста беше исклучена при презентацијата на снимките од УСБ-то на Зоран Милевски – Кичеец,судијката тврди дека јавноста ништо не изгубила и дека се што е битно за случајот ќе биде презентирано. Но, вели дека не може да направи преседан, како што побара обвинетата Катица Јанева и да ги презнетира повторно снимките јавно.

Следното рочиште за случајот е закажано за следниот четврток, 27 февруари и како сведок на одбраната треба да се појави поранешниот градоначалник на Центар и сегашен бизнисмен, Владимир Тодоровиќ и уште еден сведок на одбраната. Следниот ден на 28 февруари треба да сведочи Дејан Панделески и уште еден сведок. Јовановски има предложено 12 сведоци, додека пак обвинетата Катица Јанева има предложено 13 сведоци и материјални докази. Материјалните докази, според судијката, ќе бидат изведени во еден ден. Од досегашните предложени сведоци, засега поранешниот премиер, Зоран Заев, лидер на СДСМ, нема да сведочи за случајот „Рекет“.

Повеќето од сведоците на Јовановски се совпаѓаат со сведоците на Обвинителството, додека Јанева ги имала предложено повеќето обвинители од Специјалното јавно обвинителство.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости