Судијката Софија Лаличиќ го казни адвокатот Асмир Алиспајиќ со парична казна од 2.000 евра, поради објавен статус на неговиот фејсбук профил, во кој напиша „Сваровски судијата Софија Лаличиќ дно од судија, под итно разрешување“.
Судијката во решението донесено на 5 септември образложува дека адвокатот застапувал обвинет за разбојништво, но на судењето се однесувал несоодветно, поради што го опоменала и на записник. По паузата, како што пишува судијката, адвокатот не се вратил во судница, па таа на обвинетиот му поставила бранител по службена должност. Но судијката, не носи решение да го кази адвокатот во судница, туку бидејќи истиот ден во 20 часот обвјавил фејсбук статус, според кој го навредил судот.
Адвокатот Алиспајиќ решението го објави на својот фејсбук профил.
Тој за „Фокус“ вели дека решението го ставил на увид на јавноста за да видат сите граѓани што се случува.
-Го објавив решението да видат граѓаните со какви судии имаме работа, со сваровски судии. Исто така, според законот глобата може да биде од 200 до 1.200 евра, а таа ме казнува со 2.000 евра, вели адвокатот.
Тој појаснува дека има право на жалба во рок од три дена до Кривичниот совет, но и дека ќе поднесе барање за утврдување на дисциплинска одговорност на судијката.
-Согласно Законот за судски совет постои основ за сторена груба грешка во вршење на професијата судија со несовесно, нестручно постапување што е основа за разрешување, појаснува Алиспајиќ.
Судијката Лаличиќ во јавноста стана позната по објавување на „бомбите“ од СДСМ, односно откако беше објавен нејзин разговор со Сашо Мијалков, во времето кога бил директор на УБК. Во разговорот Мијалков ја известува Лаличиќ дека е избрана за судијка во Кривичниот суд.
Валентина Вурмо