Судијката Лидија Димчевска ќе застане на чело на Апелациониот суд, откако на денешната седница на Судскиот совет беше назначена за в.д. претседател на овој суд.
Советот требаше да избира претседател на второстепениот суд, бидејќи актуелната претседателка Лилјана Шопова заминува во пензија, но изборот се одложи бидејќи требало да се изврши вонредно оценување на кандидатите.
Димчевска за апелационен судија е избарана кон средината на декември 2001 година, а првпат била избрана за судија во Општинскиот суд во Куманово во далечната 1986 година, каде работела на граѓански, оставински и вонпарнични предмети.
Судијката Димчевска заедно со уште двајца судии, кои го сочинуваа советот, одлучија „Фокус“ да го изгуби судскиот спор со тогашниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, односно ја потврдија првостепената пресуда според која уредничката Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов го наклеветиле Мијалков.
Димчевска беше актуелна во јавноста откако во 2014 година ја потврди првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 2 донесена една година претходно, со која тогашниот претседател на НСДП, Тито Петковски беше осуден за навреда и клевета на тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и беше задолжен да му исплати отштета од 12.000 евра.
Груевски го тужеше Петковски затоа што во 2012 година за неделникот „Фокус“ претседателот на НСДП изјавил дека Груевски со официјално писмо до генералниот секретар на Обединетите нации предложил новото име на државата да биде Република Македонија (Скопје).