Судечкиот совет на чело со судијата Илија Трпков и судијата Владимир Туфегџиќ, како втор судија, ќе ги судат обвинетите за организирање на „27 април“. Судиите се избрани согласно АКМИС системот, а датумот за првото рочиште дополнително ќе биде утврден.
Судијата Трпков, до неодамна судеше во одделението за кривично полнолетни, но со прераспоредување дојде на местото на судијката Џенета Бегтовиќ. Туфегџиќ, пак, како што информираат од Кривичниот суд побарал изземање, но претседателот Иван Џолев го одбил барањето.
Според неофицијални информации, судијата Туфегџиќ барал да биде изземен бидејќи неговата ќерка, Ивана Туфегџиќ, е пратеничка и беше дел од парламентарниот состав кога се случи упадот во Собранието. Сепак, според претседателот Џолев немало ништо спорно бидејќи неговата ќерка не е ниту сведок, ниту пак е меѓу оштетените.
Во овој случај обвинети се Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски, а постапката за Никола Груевски и за Никола Бошкоски е запрена се до нивно пронаоѓање.
„Во почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, обвинетите Груевски, Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошковски, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акти на насилство за да оневозможат примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство, организирале протести кои материјално ги помагале, постојано го намалувале бројот на полициски службеници ангажирани за обезбедување на протестите и на Собранието во кои ги вклучиле патриотските здруженија, презеле мерки да се отстранат пречките за да се овозможи непречен влез на масата народ во Собранието, ангажирале лица за вршење насилство за да се оневозможи и спречи избор на Претседател на Собранието…, пишува во обвинението за „27 април“, кое го објави „Фокус“.
В.В.