Судијата Џолев: Преставката на Панчевски против мене е апсурдна!

by fokus

Судијата и кандидат за претседател на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, денеска јавно даваше исказ пред Советот за утврдување на факти, по претходно поднесена преставка против него од страна на доскорашниот претседател и актуелен кандидат за челното место во Кривичниот суд, Владимир Панчевски.

Панчевски бара од Советот за утврдување на факти и од Судскиот совет да утврдат одговорност кај судијата Џолев, бидејќи според него судијата незаконски, односно без негова дозвола, присуствувал на тридневен семинар во Хрватска.

Судијата Џолев, пак, истакна дека е разочаран што Советот за утврдување на факти воопшто постапува по постапката.

-Чувствувам разочарување бидејќи постапката е дојдена во оваа фаза. За мене истата е апсурдна, а веројатно и за Советот, па претпоставувам и за тоа решивте да ме повикате, истакна судијата Џолев.

Тој истакна дека на меѓународната конференција за судии во Хрватска, кој се одржала од 29 септември до 2 октомври, заминал откако претходно го известиол претседателот на судот, а и си нашол замена.

-Се обидував во повеќе наврати телефонски и усмено да го известам претседателот на судот Панчевски, но тој поради презафатеност ја одложуваше средбата. Затоа се решив писмено да го известам за моето отсуство. Тоа го направив 3 дена пред да заминам. Иако му испратив известување, претседателот му дал третман на барање па ме извести дека не можам да заминам. На ваквото известување му одговорив со резолуција, согласно списокот за дежурства, но не добив повратен одговор, истакна Џолев пред комисијата на Советот за утврдување на факти.

Судијата Џолев истакна дека во тој период бил дежурен, но си нашол замена. Исто така посочува дека тоа е дозволено, повикувајќи се на Списокот на дежурни судии кои постапуваат по прекршочни предмети од областа на јавниот ред и мир од септември до декември 2016 година.

-Ја издвојуваме алинеја 2 која гласи „Судиите во предвидените дежурства можат меѓусебно да се заменуваат“. Се теретам за дисциплински прекршок како судија, а во Законот за судови воопшто не е предвиден ваков дисциплински прекршок. Како кривичен судија за мене не е јасно како би можело одредено лице да го судат за дејствија кои не се предвидени како кеивични дела во Кривичниот законик. Затоа оваа постапка воопшто и не требаше да биде започната, истакна Џолев.

Адвокатот на судијата Џолев, Стеван Павлески, очекува Советот да ја отфрли пријавата на Панчевски, која, како што рече е поднесена од ниски и лични побуди.

-Се гледа дека барањето е поднесено од лични и ниски побуди. Вакво нешто до сега се нема случено во правосудството и затоа очекувам иницијативата да биде отфрлена – изјави адвокатот Павлески.

По завршувањето на постапката во Советот за факти, Советот треба да одлучи дали постои основа за барање за утврдување на одговорност на судија. Доколку одлучат позитивно, предметот оди во Судскиот совет, а во спротивно постапката завршува тука.

Во меѓувреме, Обвинителството сè уште ја разгледува кривичната пријава на Панчевски против Џолев за лажно пријавување на кривично дело, откако претходно ја отфрли пријавата која Џолев му ја поднесе на Панчевски за противзаконито влијание.

Валентина Вурмо

Поврзани новости