Снежана Гијевска од Тетово поднела тужба во тамошниот суд против судијата Томислав Бошкоски за насилство и го обвинува дека ја истепал на улица. Таа, во дописот до Фокус тврди дека пред неколку години имала предмет од имотно- правен карактер кај судијата, но го загубила, односно Бошковски пресудил во полза на противниците на Гијевска. Иако оттогаш се разминувале низ тетовските улици никогаш не се поздравувале и немале комуникација.
Но еден ден во мај годинава, пишува Гијевска, при една нивна случајна средба пред една банка во Тетово, судијата Бошковски и се приближил и застанал пред неа. Таа го запрашала дали сака да ја поздрави или да и открие за колку пари е продадена, мислејќи на изгубениот судски спор и сомнежот дека судијата тогаш бил потплатен.
Тогаш судијата започнал да ја навредува, а таа се обидела да замине. При обидот да го напушти местото судијата ја удрил по главата, а тоа го забележале повеќемина кои случајно биле на улицата. Дури, пренесува Гијевска, еден од присутните се понудил да биде сведок затоа што сметал дека била нападната без причина.
За целиот случај постои полициски записник во кој се наведени сите детали за настанот. Откако и попуштило здравјето, а лекарите и препишале терапија, таа одлучила да го тужи судијата Бошковски. Го пријавила во судот во кој работи судијата. Сега колега ќе треба да му пресуди на Бошковски за насилството, односно да утврди што точно се случило.
Но тука не завршува оваа сторија. Откако слушнал дека му е поднесена тужба судијата преку истиот суд одговорил со контратужба за клевета и навреда. Сега и тој предмет ќе се води во тетовскиот суд. Несомнено дека судијата има предност оти неговите колеги може да бидат пристрасни. Преку овој процес судијата ќе настојува да докаже дека Гијевска го навредувала и го клеветела при нивната случајна средба. Сигурно и тој ќе има сведоци.
Затоа Гијевска со адвокатот побарале изземање на сите судии од граѓанскиот сектор, односно надлежноста за предметот да се додели на друг суд, на пример тој во Гостивар, за да може да се обезбеди непристрасно и фер судење. Дури и самите судии во Тетово не сакаат да имаат процес во кој е вмешан судијата Бошковски. Па така, во едниот предмет, тој за насилство, веќе се сменети двајца судии. Во тој за клевета и навреда судијата сака да биде изземен, но судот не му дозволува.
Инаку, за судијата Бошковски во 2014-та година Судскиот совет има одлука дека тој постапувал нестручно и несовесно. Преставката му била поднесена од стечајниот управник на „Медицинска пластика“, но одлуката на Судскиот совет никогаш не е спроведена. Нема ниту објаснување зошто не е. Инаку Бошковски е потпишан на стечајната постапка за таа фирма, која е проследена со низа сомнителни и криминални елементи за кои неделникот Фокус во изминатите изданија имаше пишувано. Дури и државата е вмешана со тоа што остава милионски вреден имот да го узурпираат поединци и тоа незаконито.
Претседателот на судот, Ханиф Зендели, кој му е претпоставен на судијата, за целиот случај изјави дека судијата Бошковски е долгогодишен судија во граѓанскиот сектор, но дека досието е предадено во Врховен суд кој ќе одлучи кој суд да го суди. Не сака да зазема страна и очекува дека кој суд и да е, ќе биде непристрасен за да утврди вистинската фактичка состојба. Со Бошковски не успеавме да зборуваме, но остануваме отворени и за неговиот став и контрааргументи.
Инаку Гијевска тврди дека откако ја поднела тужбата има закани од посредници кои и сугерираат да се повлече оти ќе ја снајде беља. Таа е самохрана мајка и не може да го поднесе нанесениот јавен срам и затоа нема да се откаже.