Судиите се собраа по писмото од Агелер – само 6 судии постапуваат по предметите од „висок профил“

by fokus

По сите предмети, а посебно по предметите од висок јавен интерес да се постапува ефикасно и ажурно, во согласност со законите, како и Судскиот деловник, почитувајќи го редот на приемот на предметите со цел да се обезбеди ефективно остварување на правдата и примена на законите и воедно да се избегне опасноста од застарување на предметите од висок профил.

Ова е заклучокот од седницата на судии на Апелациониот суд Скопје, на која се разгледало и се дискутирало прашањето по сите видови предмети по кои судот постапува, вклучително и предметите од висок профил и од висок јавен интерес, со акцент на зголемување на ажурноста во постапувањето на истите.

Од Апелација најавија дека дополнително ќе се донесат внатрешни процедури како составен дел на веќе донесените, а во согласност со Законот за движење и управување со предметите во судовите.

Сепак од таму потенцираат дека во моментот Апелациониот суд Скопје постапува со намален број носители на судска функција и тоа 28 судии, од предвидените 52 судии.

– Ажурното постапување по сите видови предмети, вклучително и оние од висок јавен интерес, во голема мера зависи од пополнетоста на судиските места и само како напомена дека во апелациониот суд Скопје во Кривичниот оддел на судот се распоредени шест судии кои постапуваат по овој вид предмети, се наведува во соопштението од Апелациониот суд Скопје.

Инаку, американската амбасадорка во земјава Ангела Прајс Агелер на 11 април годинава испратила писмо до судските и извршните органи во кое изразува загриженост поради одлуката на Апелациониот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.

-Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите, се вели меѓудругото во писмото од Агелер.

В.Д претседателката на Апелациониот суд Мери Дика Георгиевска денеска одржа работна средба со претседателите на основни судови кои припаѓаат на апелационото подрачје Скопје.

На средбата со Дика Георгиевска со првите луѓе на Основниот граѓански суд Скопје, Основен кривичен суд Скопје и основните судови од Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Куманово, Крива Паланка и Кратово се согласија дека ажурното постапување по предметите во голема мера зависи од бројот на судиите и непополнетите работни места во судската служба, а што како проблем се соочува секој од судовите.

– Заради надминување на оваа состојба да се направат напори од Судскиот совет на Република Северна Македонија да се пополнат испразнетите судиски места, со што непосредно ќе се влијае на ефикасно и навремено правораздавање, се посочува во соопштението.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости