Судиите незаинтересирани да изберат членови на новиот Совет за утврдување на факти

by Фокус

Македонските судии вчера не беа многу заинтересирани да излезат на гласање и да изберат 7 од 19 пензионирани судии, јавни обвинители и адвокати, за членови во новото тело што ќе предлага разрешување на судиите во иднина, објави Новатв.

Според комисијата за спроведување на изборите за формирање на Советот за утврдување на факти, од редот на пензионираните судии избрани се: Јордан Лазаров, екс претседтел на Основниот суд во Велес, и Злата Стамболиска, поранешен судија за регистрација во скопскиот суд и кратко време судија на Управниот суд. Од редот на судиите Албанци, избран е Фатон Пачуку од Дебар, поранешен судија на Врховниот суд на Република Македонија.

Од редот на пензионираните обвинители избрани се Иван Јакимовски од Крива Паланка и Кире Секуловски од Битола. Јакимовски и Секулоски беа двајца пријавени пензионирани обвинители, колку што се бараше по закон и немаа конкуренција. Секулоски беше во еден мандат член на Советот на јавни обвинители. Од обвинителите избран е и Фета Исени, како припадник на албанската заедница, кој беше исто така единствен пријавен на таа листа.

Од редот на пензионираните адвокати избран е Сашо Поцевски, кој порано бил и судија на Основниот суд Скопје 2.

Инаку, вчера Демократскиот сојуз оцени дека изборите претставуваат „Театар на апсурдот“.

„Со гласањето за членови на Советот за утврдување на факти, судиите практично ќе изгласаат тело, коешто директно ќе го загрозува слободното судско одлучување. Овој Совет ќе има оперативно – истражувачка надлежност и треба да обезбедува факти и докази за одговорноста на судиите. Посебно загрижува тоа што помеѓу кандидатите има и такви што во изминатите десет години го разораа целокупниот судски систем, вршејќи притисоци по секоја цена, некои против кои се води постапка да бидат осудени без да постојат елементи за кривична одговорност и слично“, се вели во партиската реакција.

Поврзани новости