Судиите и обвинителите кадешто има помалку предмети и помал обем на работа ќе бидат префрлани во судовите и обвинителствата кадешто има повеќе работа.
Откако владејачкото мнозинство не успеа да ги истурка измените на Законот за работни односи кои предизвикаа низа инциденти во Собранието, а коишто предвидуваа продолжување на мандатот на 60 судии и 13 обвинители кои требаше да се пензионираат, сега се размислува проблемот со испразнетите места да се пополни со префрлање на кадри.
-Проблемот со испразнетите места ќе се реши согласно Законот за судии, Законот за јавни обвинители и Законот за работни односи. Постои законска можност за времено упатување на судиите од судовите кои се помалку оптоварени во оние кои се со поголем обем на работа, велат од Министерството за правда за „Фокус“.
Денеска се пензионираа 43 судии и 11 јавни обвинители, а до крајот на годината, ќе се пензионираат вкупно 60 судии и 13 обвинители со над 62 или 64 години. Во Советот на јавни обвинители и Судскиот совет денеска биле донесени одлуки со кои се констатирал престанок на нивната функција поради исполнување на условите за пензија.
ВО НОЕМВРИ НОВА ГЕНЕРАЦИЈА
Според информациите на „Фокус“ од Академијата за судии и јавни обвинители, кон крајот на ноември ќе заврши Седмата генерација која брои 59 кандидати за судии и јавни обвинители и тогаш се очекува да се пополни дел од испразнетите судски и обвинителски места.
Шестата генерација која броела 37 слушатели завршиле летотот во 209 година, а веќе еден и пол месец на Академијата учи Осмата генерација која брои 97 слушатели.
„Фокус“ не доби информации ниту од Судскиот совет, ниту од Советот на јавни обвинители колку судии и обвинители вкупно работат и колку точно недостасуваат. Дека има недостаток на судии и јавни обвинители се зборува со години, и тоа го зборуваат сите судско – обвинителски авторитети, иако според Стратегијата за реформа во судството Македонија го надминува европскиот просек за бројот на судии, според бројот на жители.
Министерот за правда, Никола Тупанчески, вчера изјави дека престанокот на работниот однос на судиите и јавните обвинители може да доведе до сериозни последици.
– Одењето во пензија на судиите и јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одново. Да не заборавиме, не се работи за една или за две постапки, кога се менува судијата во постапката, тогаш процесот започнува одново. Тоа е првата работа. Тука се разбира како Дамоклов меч ни виси и институтот на застареност, дел од постапките кои се во тек, или кои што се движат може да имаат одредена застареност во однос на нивниот правен епилог, рече Тупанчески.
ВО МИНУТА ДО 12 СЕ РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ
Од Здружение на судска администрација реагираа на односот на надлежните државни органи кои, како што наведуваат во нивната реакција „во минута до дванаесет се обидоа да надминат проблем кој не е ниту нов, ниту беше непредвидлив со оглед на тоа што бројот и возраста на судиите им беа познати факти и нема простор за „изненаденост“ од новонастанатата состојба“.
– Кога веќе се овозможува пристап до почетна обука на лица со двегодишно работно искуство на правни работи по полагање на правосудниот испит, неразбирливо е од кои причини е изоставен и не е олеснет пристапот до почетна обука на судскиот кадар кој професионално ги извршува своите работни задачи како судски соработник или советник повеќе години низ сите судски оддели во судовите. Во секоја прилика пред надлежните државни органи во и надвор од правосудството, апелиравме дека овој дел од судската служба можеше и може беспрекорно и со скратена обука да ги извршува сите судски задачи и да го даде својот придонес за поефикасно судство во РС Македонија. За жал сите надлежни државни органи ги игнорираа ваквите укажувања заради што сега во некои судови ќе ја имаме Јустиција но без меч во раката, велат од Здружението на судска администрација.
Овој недостаток на кадар се случи откако иако беше најавувано, сепак стручните соработници не добија можност да бидат избрани за судии и јавни обвинители бидејќи мораа да имаат завршено Академија, а досега ниту еден министер за правда не го зголеми ниту бројот на слушатели на Академијата, ниту пак им даде можност на стручните соработници со скратена обука да напредуваат.
Фросина Факова-Серафиновиќ