СУДИИ ПОВЕЛЕТЕ, ПРЕКРШЕТЕ ГО ЗАКОНОТ!

by Fokus

Сѐ додека еден судија во меѓународен суд (странец) подобро ја согледува неправдата која законски и системски му се нанесува на еден наш просечен граѓанин отколку домашните судии, пред чии очи се случува неправдата, ќе останеме заглавени на ова незавидно ниво во судството и општо во државата.

Пишува: Дамјан ГРОЗДАНОВСКИ, адвокат

Како адвокат секојдневно сум во контакт со лица, кои се соочени со разни неправди и кои спасот го гледаат во судовите. Ваквите неправди најчесто се инцидентни, што значи се случуваат поради самоволно однесување на едно лице, кое со таквото однесување ги повредува правата на друго лице. Во вакви ситуации, улогата на судот е јасна: да ја утврди фактичката состојба, да го примени законот и да наложи мерки за враќање на состојбата како онаа пред самоволното постапување.

Но, неретко неправдите можат да бидат системски. При вакви неправди, не постои незаконско и самоволно постапување, туку напротив, токму – законско! Што се случува во ваква ситуација, кога неправдата ќе влезе во законот? Што се случува кога едно лице постапува согласно законот, но, сепак, нанесува неправда на друго лице? Каква улога играат судовите во ваква ситуација?

Барем во развиените земји, судовите играат клучна улога во ваква ситуација. Како? Просто кажано, со непочитување на законот! Во развиените земји ова непочитување на законот е воспоставена пракса, почнувајќи од 1950 година, па натаму. Но, ваквото непочитување не доведува до безредие и анархија.

Како ваквото непочитување на законот од страна на судовите не довело до безредие? Зошто тоа започнало токму од 1950 година? Зошто токму во европските земји? Одговорот на овие прашања би го дал преку еден случај кој е актуелен во нашата земја повеќе од 10 години, а тоа е наплатата на паушалот за парно греење.

НАПЛАТА НА ПАУШАЛОТ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ

Се работи за случај во кој како тужени се јавуваат граѓани, кои сметаат дека не се должни да го плаќаат паушалот за парно греење на приватните компании за топлина, бидејќи ги затоплуваат своите станови на друг начин, а не со парно. Од друга страна, приватните компании за топлина, до скоро имаа законско овластување да го наплатуваат паушалот од сите исклучени “корисници”, па го искористија ова овластување и (редовно) ги тужеа исклучените корисници пред нашите судови.

Како адвокат на тужените граѓани, се соочив со целосен неуспех пред нашите судови, кои не сакаа ни да чујат дека одредени лица не треба да го плаќаат паушалот, ниту пак, дека становите на овие лица, поради разни фактички ситуации, не преземаат никаква топлина од соседите кои користат парно греење. Имено, има станови кои немаат цевки низ становите, не граничат со соседни станови, се наоѓаат на поткровје и ред други фактички ситуации. Овие ситуации реално и логички заслужуваат да бидат земени предвид при носење одлука.

Со години (скоро деценија), судовите едноставно наведуваа дека законот е таков, и дека тој наложува сите сопственици на станови во една зграда поврзана на системот на централно греење, да плаќаат за “пасивното користење топлина”, без разлика на фактичката ситуација. За волја на вистината, законот навистина беше таков – тој предвидуваше дека сите исклучени корисници треба да плаќаат паушал.

Меѓутоа, барем еден судија и барем од општа култура можеше да го постави навидум здраворазумското прашање: “Дали навистина лицето користи греење, па да биде должно да плати?” Наместо oва, одговорот на ова прашање беше даден (буквално даден) од органи кои не се надлежни за вакви фактички прашања, како што се Уставниот суд, Врховниот суд, па дури и МАНУ. Основните судови, кои всушност се надлежни за фактички прашања, ниту еднаш не го отворија ова прашање и покрај инсистирањето на исклучените корисници и бројните докази во нивна корист.

ПРЕСУДАТА НА ЕВРОПСКИОТ СУД ВО СТРАЗБУР

Но, оваа година се случи значителен пресврт – Европскиот суд за човекови права во Стразбур постапувајќи по осум жалби од исклучените корисници, донесе пресуда во нивна корист и утврди дека нашата држава го повредила нивното право на сопственост. Неслучајно се одбрани токму овие осум жалби – меѓу нив може да се најдат сите фактички ситуации (стан со цевки, без цевки, на приземје, на поткровје, итн.) иако пред Европскиот суд има повеќе од 120 жалби за истата работа.

Во образложението дадено од Европскиот суд може да се забележи речник кој е несвојствено директен и остар за еден меѓународен суд – меѓу другото, дека домашните судови мора да бидат попретпазливи за да се осигураат дека мерките, како оние во овој случај, не им наметнуваат прекумерен товар на граѓаните, а истовремено им овозможуваат на приватните компании за топлина да остварат неоправдана добивка. Имајќи предвид дека клучното прашање е фактичко – “Дали лицето навистина користи греење?”, Европскиот суд упатува на повторување на постапките пред домашните судови.

Пресудата на Европскиот суд, е формулирана на начин и со речник кој треба да ги освести и потсети нашите основни судови за нивните овластувања и должности, кои не зависат само од нашето национално законодавство, туку и од основните меѓународни вредности и начела.

Лично, во оваа пресуда на Европскиот суд видов еден поттик за основните судови, кој сметам дека им е многу потребен, бидејќи навистина основните судови често се “жртви” на “насоките” на повисоките судови во државава. За момент се понадевав дека конечно судовите ќе погледнат подалеку од строгите формалности и нелогичности кои често ги предвидуваат нашите закони.

Но, набрзо увидов дека во реалноста проблемот е далеку подлабок и посложен. Нашите судови, одлучувајќи по предлозите за повторување на постапките, повторно изнајдоа едно “средно” решение: да ги повторат само оние осум постапки и да ги укинат само оние осум пресуди, за кои Европскиот суд директно утврди повреда на правото на сопственост. Останатите илјадници домашни пресуди, кои се, прво, на идентичен терк како и оние осум (copy – paste), второ, се донесени врз основа на истите Правила за снабдување со топлина и трето, се донесени во подеднакво манливи постапки, нашите судовите одлучија да ги решат конформистички – со терк со кој не дозволуваат повторување, и во кој терк само го менуваат името на тужениот и бројот на предметот.

ИЗГОВОРИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ СУДИИ

И повторно го слушам познатите фрази во судот – “Ама, колега го знаете законот, немаме законска можност да ги повториме сите тие постапки” и – “во тоа време таков беше законот, ние само го применувавме” и – “Ама вие сега сакате да го блокирате судството со сите тие постапки”, итн… Повторно сите креваат рамења и се оградуваат од одговорност, иако неправдата сите ја знаат, а сега е и написмено изразена во пресудата на Европскиот суд.

Сѐ додека еден судија во меѓународен суд (странец) подобро ја согледува неправдата која законски и системски му се нанесува на еден наш просечен граѓанин отколку домашните судии, пред чии очи се случува неправдата, ќе останеме заглавени на ова незавидно ниво во судството и општо во државата. Редно време е да сфатиме дека сите сме дел од “системот” и дека ние го правиме системот, а не тој нас. Промената мора најпрво да потекне од судството, кое е центарот на секоја слободна, граѓанска и демократска држава, а потоа да се одрази и во другите сфери на животот.

Развиените европски држави оваа лекција ја научија одамна и тоа на суров начин – за време на нацистичка Германија, каде и покрај сите злосторства, не бил прекршен ниту еден тамошен закон. Токму напротив, во тоа време спречувањето на тие злосторства претставувало непочитување на законот. За да не се повтори ваква апсурдна ситуација, почнувајќи од 1950 година, се потпишуваат голем број на меѓународни конвенции и се засилува нивното влијание, на начин што тие стануваат дел од правниот систем на државите кои ги потпишале. Меѓу нив, најзначајна е Европската конвенција за човекови права, која предвидува основни права и слободи, кои ниту еден домашен закон не може да ги дерогира.

ПРАВАТА НА ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ШТИТАТ И ОД САМИТЕ ЗАКОНИ  

Нашата држава ја потпиша Европската конвенција набрзо по осамостојувањето. Од овој момент, нашите судови се стекнаа со овластување и должност да ја применуваат оваа конвенција и да ги штитат правата наведени во неа. Да ги штитат овие права, дури и од самиот закон! За оваа цел имаме и Закон за судови, кој формално-правно ги овластува домашните судови директно да ја применат Европската конвенција, а домашниот закон да го игнорираат, доколку сметаат дека тој е во спротивност со конвенцијата. Значи, судиите се овластени да не го почитуваат законот!

Ова ќе важи уште повеќе, кога ќе станеме земја-членка на ЕУ, каде се применуваат специфичните основачки Договори, Повелбата за основните права во ЕУ, регулативите и судската пракса на Судот на правдата на ЕУ. Овие акти во правната хиерархија се над домашниот закон и се применуваат директно од основните судови. Во ЕУ, основните принципи се супрематијата и директната примена на правото на ЕУ, согласно кои судовите му даваат предност на правото на ЕУ над домашниот закон, и во своите одлуки можат да се повикаат директно на правото на ЕУ.

Меѓутоа, за еден судија да не го примени домашниот закон, а наместо него да примени меѓународна конвенција, потребно е во пресудата да даде обемно, поткрепено и стручно образложение. Во вакви ситуации, судијата не може да користи терк при пишување на пресудата. Во вакви ситуации, пресудата мора да е резултат на сеопфатна анализа на меѓународни конвенции, домашни закони, меѓународна и домашна судска пракса. Пред сѐ, за ваква пресуда потребно е независно судство, сочинето од способни судии, кои се подготвени да се спротивстават и на системската (законската) неправда. За жал, сѐ уште сме далеку од тоа ниво.

Примерот со паушалот за парно греење е само еден од случаите каде нашата држава не ги земала предвид обврските кои ги има согласно меѓународен договор при носење на закон, а нашите судови придонеле кон неправдата, слепо следејќи го ваквиот закон. Слични примери со кои сум се соочил се задолжителното одземање на предмети од кривично дело (член 100-а од Кривичниот законик) и солидарната одговорност на испраќачот и примачот за плаќање на превознината (член 101 од Законот за договорите за превоз во патниот сообраќај).

И повторно, во ниту еден случај нашите судови не се осмелија да отстапат од законот, ниту пак, воопшто да ја разгледаат оваа можност, иако им беше укажано на нивото овластување да не го применат законот, но и на должноста да ги штитат човековите права, без разлика на тоа што предвидува законот.

ПОВИКАЈТЕ СЕ НА ЕВРОПСКАТА КОНВЕНЦИЈА

Од друга страна, судовите секојдневно бараат разни начини за да го изиграат законот – со непочитување рокови, со давање грешни правни поуки, со прогласување ненадлежност, итн…

Наместо нашите судови процедурално да го изигруваат законот, истите можат отворено, свесно, легитимно и легално да одлучат истиот да не го почитуваат, повикувајќи се на Европската конвенција и на обврската да ги штитат човековите права. Наместо нашите судови да бараат дупки во законот, истите можат да бараат судска пракса на Европскиот суд за човекови права и да се повикаат на неа во своите пресуди. Само на овој начин би станале држава во која владее правото и правдата.

Се надевам дека оваа генерација ќе дочека да види вакви судови, наместо да види судови кои одат по линија на помал отпор, иако се опремени со сите можности и механизми за храбро и гордо да застанат на страната на правдата. Само кога судовите ќе се осмелат да погледнат подалеку од законот, и ќе ја образложат ваквата одлука повикувајќи се на меѓународните конвенции, ќе станат гласот на правдата. За сега, судовите се само гласот на законот, а сѐ поприменливо е она марксистичко сфаќање, дека законот е изедначен со волјата на владејачката класа…

Поврзани новости