Судењето за 27 април продолжува со сведочење на Трајко Вељаноски

by fokus

Судењето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година продолжува в понеделник, на 10 декември, со сослушување сведоци предложени од одбраната откако судечкиот совет на денешното рочиште ги извести дека прифаќа да бидат изведени и листите на докази предложени на 22 август 2018 година.

В понеделник одбраната на Митко Чавков предложи двајца сведоци, на Душко Лазаров тројца и Горан Ѓошевски двајца сведоци, меѓу кои Трајко Вељаноски. Судијката Добрила Кацарска ги задолжи обвинетите сами да ги известат предложените сведоци.

Дополнителни сведоци предложи и одбраната на обвинетите Богдан Илиевски – пет сведоци, Борис Дамовски и Јане Ченто по еден и Абдулфета Алими, кој го предлага пратеникот Зијадин Села.

На денешното рочиште своја одбрана даваше обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, а на негов предлог беа сослушани и сведоците Дејан Димкоски – Боксер, Веле Петрушевски и Благоја Василевски. Во судот сослушан беше и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, кој беше спроведен од притвор.

Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.

Поврзани новости