Судење за пожарот во модуларната болница во Тетово – конфликт меѓу обвинет и роднина на еден од загинатите

by Fokus

Со сослушување нови сведоци предложени од Обвинителството и од одбраната на обвинетите, денеска продожи судскиот процес за пожарот во тетовската модуларна болница.

Сослушани беа универзитетските професори Влатко Стоилков и Владимир Димчев од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

Обвинителот побара Стоилков да објасни каква инсталација за електрична енергија имала модуларната болница.

„По однос на внатрешната инсталација за жал не можевме да извршиме увид во самата болница бидејќи, како што знаете таа беше целосно опожарена. Затоа направивме увид во две други модуларни болница од ист тип во Гостивари и Кавадарци. Извршивме проверка дали вградената опрема квалитативно и квалитативно одговора на проектната задача. Утврдивме дека модуларните болници се изведени согласно проектната задача на Светска банка, обврска на договорниот орган“ рече Стоилков.

Сведочеа и медицинските сестри Даниела Симјановска и Фљутурије Ислами.

На прашањето од адвокатите дали имало противпожарен апарат во модуларната болница Симјановска рече дека имало во работната соба.

Во текот на судењето судијата Јордан Велковски ги предупреди еден од обвинетите, Артан Етеми и еден од роднините на починатите во пожарот за мир во судницата, кој беше нарушен поради нивен меѓусебен вербален конфликт.

Наредното рочиште е закажано за 6 април.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 година.

Поврзани новости