По неколкумесечната истрага Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ноември минатата година поднесе обвинение против 29 лица.
Обвинетите се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” од член 394 – а и „Тероризам” од член 394 -б од Кривичниот законик.
Кривичниот суд во декември одржа јавна седница за оценка на обвинителниот акт на која обвинителството и одбраната ги изнесоа своите аргументи во однос на обвинението.
Сите 29 обвинети за терористичкиот напад во кумановската Дива Населба тогаш се изјаснија дека се невини. Нивната одбрана тврди дека тие всушност се бранеле од полицијата и дека немало докази за делото за кое се обвинети: терористички напад и учество во терористичка организација. Исто така, одбраната побара овој случај да го преземе специјалната обвинителка Катица Јанева.
Од друга страна, обвинителот Наум Пановски рече дека утрото на 9 мај кога пристигнале полицајците, најпрво врз нив била фрлена бомба, а потоа и вооружената група отворила и оган кон полициските сили. Тој го потенцираше бројот на загинати полицајци и ранети.
„На 9 мај припадниците на Единицата за специјални задачи постапувале по судска наредба за вршење на претрес во врска со сомнение за кривично дело тероризам, а во врска со нападот на караулата Гошинце. Приближувајќи се кон објектот, врз Единицата за специјални задачи била фрлена рачна бомба, при што биле поврдени дел од пoлицајците. Потоа групата продолжила да пука со автоматско оружје и снајпери, а борбите траеле цела вечер и другиот ден. Следниот ден вечерта групата била приведена, притоа 18 од нив носеле униформи на УЧК“, наведе застапникот на обвинението.