Суд во Москва денес објави дека издал налог за апсење на ќерката на убиениот руски опозиционер Борис Немцов – која не живее во Русија – поради нејзината улога во „непожелна организација“.
Жана Немцова, која ја напушти Русија во 2015 година по убиството на нејзиниот татко, е коосновач на Фондацијата за слобода „Борис Немцов“, со седиште во Германија.
Според Ројтерс, Москва во 2024 година ја прогласи Фондацијата за „непожелна организација“ и ги забрани нејзините активности во Русија.
Немцова ја коментираше одлуката на московскиот суд на Фејсбук:
„Сега сум славна. ’Непожелната организација’ е Фондацијата ’Борис Немцов’, која ја основав во Германија во 2015 година. Таа е регистрирана во Бон, каде што денес допатував со авион“.
Руските власти редовно прогласуваат за непожелни оние субјекти за кои тврдат дека го поткопуваат уставниот поредок или националната безбедност. Луѓето можат да добијат затворска казна до пет години за финансирање на такви активности или до шест години за организирање на таква работа.
Борис Немцов, еден од најгласните критичари на рускиот претседател Владимир Путин, беше убиен на 27 февруари 2015 година додека пеш минувал преку мост во близина на Кремљ.
Тој имаше 55 години, а во моментот на смртта работеше на извештај во кој се испитуваше улогата на руската војска во кризата во Украина.
Во 2017 година, руски суд пресуди дека петмина Чеченци го убиле Немцов за парична награда, но сојузниците на покојниот опозициски лидер тогаш изјавија дека нарачателите и организаторите на убиството не биле изведени пред лицето на правдата.
По убиството на Немцов, руските власти остро се справија со сите истакнати опозиционери, кои беа или убиени, или затворени, или протерани во егзил. Најголемиот ривал на Путин, Алексеј Навални, почина во сибирски затвор на 16 февруари 2024 година, на 48-годишна возраст.