Претходната Влада преку Министерството за култура потрошила 883.492 евра за субвенционирање на домашна музичка продукција, но субвенциите не дале никакви ефекти. До сега се субвенционирани 310 композиции. Во овие средства се вклучени и хонорарите на членовите на комисиите кои го вршеле изборот на композициите и на кои им биле исплатени 10.000 евра.
Поради слабиот одек кај јавноста новата Влада донесе одлука да го укине Законот за поддршка на домашна музичка продукција, како не би се одлевале повеќе пари од буџетот за оваа намена.
Предлогот на Владата за укинување на Законот е ставен на собраниска седница и треба да се разгледува на 5-ти март.
„Имплементацијата на Законот во практика не ги даде очекуваните ефекти, пред сѐ, од причина што иако за избраните композиции се продуцираа аудио- и видеозаписи, тие или не беа воопшто емитувани или беа емитувани во мал обем на радијата и на телевизиите. Од наведените причини, објективно не може да се направи процена на позитивните ефекти од поддршката на создавањето на нови композиции. Со оглед на тоа што аудио- и видеозаписите за композициите не беа во доволен обем достапни за пошироката јавност, се поставува прашањето за оправданоста од ваквиот начин на финансирање на создавањето на нови композиции од областа на забавната и на народната музика со средства од Буџетот на Република Македонија“, стои во предлогот.
Според Законот, за субвенционирање на домашна забавна и народна музика годишно требаше да се издвојуваат по околу половина милион евра.