Студентското собрание при УКИМ бара еднократна стипендија за финансиски загрозени студенти

by Fokus

Воведување еднократна социјална стипендија во износ од 6.000 денари за сите студенти засегнати од финансиската криза, но и доделување електронски уреди за оние студенти на кои им се потребни поради следење на онлајн-наставата, се дел од мерките што денеска ги побара Универзитетското студентско собрание при УКИМ.

Како што истакна на денешната прес-конференција претседателот на Универзитетското студентско собрание Борјан Ефтимов, овие мерки ќе им помогнат на сите студенти кои директно се засегнати од финансиската криза поради вонредната состојба.

Според него, потребно е воведување вонредна социјална стипендија за семејствата со студенти кои се исклучително погодени од кризата, односно имаат приходи помали од 14.000 денари.

„Се фокусиравме на краткорочни и долгорочни мерки кои финансиски ќе ги помогнат студентите. Во однос на краткорочните мерки, бараме воведување вонредна социјална стипендија, по теркот на социјалната стипендија што ја доделува Министерството за образование за семејствата кои се исклучително погодени од кризата“,- вели Ефтимов.

Оваа вонредна еднократна социјална стипендија, како што рече Ефтимов, треба да биде во износ од 6.000 денари, за да ги задоволи минимум потребите на студентите во следните неколку месеци.

Тој додаде дека е покрената и иницијатива за прибирање податоци за студенти кои не располагаат со уреди за следење на наставата, и бараат донатор кој ќе ги обезбеди тие уреди.

Поврзани новости