Студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во среда на 28 септември на првиот неофицијален студентски референдум, ќе треба да одговорат дали Студентскиот парламент треба да остане невладина организација или дел од УКИМ.
Од Студентскиот пленум сметаат дека Студентскиот парламент кој ги претставува факултетите на државниот универзитет треба да стане дел од универзитетот со што ќе се обезбеди контрола за трошењето на парите од студентите.
Референдумот ќе се случи два дена пред седницата на Сенатот, кога сенаторите треба да решат кој модел на студентско организирање ќе го прифатат. Од Пленумот велат дека на овој начин сенаторите ќе можат да донесат одлука, откако ќе го слушнат гласот на студентите.
Инаку, по студентските избори, Ректоратот формираше две комисии кои требаше да ги разгледаат условите во кои се одржаа изборите полни со нерегуларности и промената на Статутот во однос на студентското организирање. Сепак од студентскиот пленум оценуваат дека тие биле неуспешни, а истите прашања сега ќе ги разгледуваат на Сенат.