СЈО ќе побара изземање на „сваровски судијката”

by fokus

Специјалното јавно обвинителство  повторно ќе ги достави доказите до Основниот суд Скопје 1 кои денеска им беа вратени и ќе побара изземање на судијката за случајот со уништувањето на документи од УБК, соопштија од СЈО за Мета.

Судијката Лидија Петровска, денеска назад до СЈО, ги вратила доказите бидејќи како што појаснуваат од судот недостасувал документ дека на дел од доказите е извршена декласификација, за да можат да се стават во употреба во судот.

Од друга страна пак, од СЈО велат дека со декласификација предложените докази би добиле третман на информација до која се има слободен пристап, а се работи за класифицирани информации.

Инаку, пред некој ден од судот информираа дека двата обвинителни акти поднесени од СЈО им се доделени на судијките Татјана Михајловска и Лидија Петрова.

Инаку, Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што лани ги објави СДСМ, во разговор наводно воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска работното место го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Набрзо по објавување на „бомбата“, Неделкова тврдеше  дека таа не добивала подароци од никого, најмалку Сваровски кристали, велејќи „повеќе сум љубител на бисери, отколку на Сваровски“.

Другата судијка Татјана Михајловска беше истражна судијка во случајот „Ликвидација“, во кој на 4 и пол години затвор беше осуден новинарот Томислав Кежаровски.

Неофицијално, судијката Михајловска ќе го работи случајот со насилството во Општината Центар, а Петровска го доби случајот со уништувањето на документите поврзани со опремата за прислушување.

Поврзани новости