Студентскиот пленум, кој беше формиран како резултат од незадоволството од новиот закон за високо образование кој Владата сакаше да го донесе, задутре ќе одбележи една година од првата средба.
-Токму на овој датум пред една година беше првата студентска средба на која стотина студенти јасно и гласно кажаа „НЕ“ на најавениот Закон за високо образование. Истиот тој закон беше изгласан преку ноќ, но успеавме на крајот да го одложиме. Би сакале да ги потсетиме нашите колеги дека секој студент има право да учествува во создавањето на политики кои го уредуваат неговото студирање. Веќе не смееме да бидеме пасивни!, велат од Студентскиот пленум.
По тој повод, во четврток во 19 часот пред платото на УКИМ ќе се одржи деветиот Студентски пленум, на кој ќе се разговара за сите проблеми со кои се соочуваат студентите.
Затоа, Ве повикуваме на овој симболичен датум да ни се приклучите на деветиот Студентски пленум и да поразговараме за сите студентски проблеми. Време е повторно да го омасовиме студентскиот пленум и заедно да се бориме за нашите студентски права! Дојдете и приклучете се!, порачуваат од Студентскиот пленум.
Што се однесува до последната најава на премиерот Груевски дека Владата ќе гради нов студентски дом, од Пленумот велат дека им е јасно дека се ближат избори.
-Ја разбираме политичката опортуност на премиерот, инспириран од долгогодишното владеење на база на популизам, меѓутоа доста е! Доста со играње со потребите на студентите од чија иднина зависи колективниот напредок на нашето општество. Доколку постоеше вистинска волја за подобрување на студентскиот стандард, реконструкцијата на Блок Б од СД „Гоце Делчев“ ќе беше одамна завршена, а целиот студентски дом ќе беше во завршна фаза од планираната реконструкција! Наместо тоа, сведоци сме на ветувања дадени од изборен циклус на изборен циклус за подобрување на студентските домови и зголемувањето на нивните капацитети, велат од Пленумот.