Откако, вечерва, премиерот Никола Груевски повторно се обиде да го исполитизира најавениот марш на студентите за во среда, против државниот испит, поврзувајќи ги со опозициската СДСМ, студентите уште еднаш повторија дека тие се интелектуално независни.
-Би сакале уште еднаш да потенцираме дека нема да дозволиме да бидеме прибрани под ниедно партиско миље. Нашите барања ја надминуваат партијата, тие се нешто повеќе. Како значаен општествен сегмент, како студенти (идни академски граѓани) сакаме да ја потенцираме нашата интелектуална независност, нашата слободна и критичка мисла која не е диригирана од ниедна популистичка агенда, туку е консеквенс на разумноста и обмисленоста. Нашиот органон се аргументите, кои не се насочуваат против партиите туку против неправдата. Затоа ве замолуваме да ја почитувате нашата решителност, велат од Студентскиот Пленум.
Студентите, со цитат на Ганди, им порачаа на политичарите: „Постојат луѓе кои се борат и работат и оние кои ја собираат славата за направеното“.