Наредната недела, студентите, „засилени“ со средношколци, повторно ќе излезат на улица, каде што ќе го дигнат гласот против најавениот државен испит на факултетите. Оваа одлука беше донесена на синоќешниот состанок на Скопскиот универзитет, од Студентскиот пленум.
Студентите побараа и поддршка и солидарност од колегите од другите градови, а за тоа кога точно би се одржал протестот дополнително ќе соопштат.
-Ние бараме целосно укинување на државен испит, не сме отворени за преговори во однос на форматот, туку бараме укинување, велат од Студентскиот пленум и потсетуваат дека сакале да се сретнат со одговорните од Министерството за образование, ама таква средба не се одржала.
– Борбата продолжува, пробавме да стапиме во контакт со некои од институциите, имаше порака дека тие се подготвени за разговор, но претставниците кои ги понудивме беа одбиени за средба, иако институциите рекоа дека се отворени за дебата – посочи Ана Нешовска од „Студентскиот пленум“.
Вчера студентите се собраа и во Прилеп. Тие ги повикаа и средношколците да се приклучат кон протестите, бидејќи реформата во високото образование ќе важи токму за нив. Веќе има најави дека матурантите се спремни да излезат на маршот, бидејќи тие се први на удар на оваа реформа.
Владата, пак, останува на ставот дека реформата е неопходна за да се подигне квалитетот на високото образование и дека протестите се непотребни, а обвини и дека зад студентскиот протест стои опозицијата.
-Не заинтригира делот од изјавата на премиерот каде тој вели дека екстерното нема да важи за студентите кои веќе студираат. Дали тоа значи дека премиерот со ваквата изјава јавно не помилува сите нас кои излеговме на марш во понеделникот? Целта на нашиот марш не беше помилување на тие што излегле, туку револт поради состојбата на високото образование и надеж за промена. Пленумот цврсто стои на ставот дека нема да се откажеме во името на ниту една генерација која би ги трпела пооследиците од реформата и ги поттикнуваме генерациите што доаѓаат да се приклучат во нашите напори да го спречиме воведувањето на мерката екстерно тестирање, рекоа оттаму.